Насловна / Вести / Дали „Тојота“ во блиска иднина ќе воведе мотор на течен водород

Дали „Тојота“ во блиска иднина ќе воведе мотор на течен водород

Најголемиот светски производител на автомобили направи значаен исчекор во практичната примена на течниот водород како еколошко гориво за возила.

Најголемиот јапонски и светски производител на автомобили, „Тојота“,направи уште еден технолошки пробив што би можел да му донесе голем профит во иднина и да ја промени светската автомобилска индустрија.

Прототип на „Тојота“ наречен „korola H2 koncept“ со мотор на внатрешно согорување напојуван од течен водород заврши 468 круга од по четири и пол километри за време на трка долга 24 часа, што е резултат речиси еднаков на оној на класичните возила на бензин.

Во последниве години, „Тојота“ учествуваше во трки на издржливост, кои се одржуваат на патека во подножјето на вулканската планина Фуџи, со машини напојувани со водород. Во почетокот, стануваше збор за водород во гасовита состојба, кој зафаќа многу простор, поради што нејзиниот автомобил морал да носи кабаст резервоар и често и долго да застанува за да го наполни.

Меѓутоа, од 2023 година па натаму, „Тојота“ се натпреварува со возило, прво од ваков вид во светот, напојувано со течен водород, за што е потребен значително помал резервоар од истиот елемент во гасовита состојба.

Историски успех

Сепак, ова необично, иновативно возило на „Тојота“ не успеа да заврши повеќе од 358 круга минатата и предминатата година. Ова се должи на неколку технички потешкотии предизвикани од употребата на водород во течна состојба, од кои најсериозната е следната: за да се претвори овој гас без вкус, без боја и без мирис во течност и да се одржи во таа состојба, потребна е многу ниска температура од најмалку минус 253 Целзиусови степени, а таквото ладно гориво брзо ја уништува цевката што го пумпа во моторот. Затоа, во претходните неколку трки, возилото на „Тојота“ беше принудено да помине неколку часа во механичарска работилница за да ја смени пумпата за гориво.

Овој пат, се чини, инженерите на „Тојота“ успеале да ја зачуваат пумпата, меѓу другото со имплементирање на систем кој автоматски ја регулира количината на вбризгувано гориво во согласност со моќноста на моторот што му е потребна на возачот. Значи, не само што „корола“ на течен водород не се откажа од трката, туку и пумпата за гориво не морала да се заменува за време на исцрпувачката битка на патот во која учествувале 60 четирицикли. Покрај тоа, возилото со црна боја го освои солидното 41-во место во конкуренцијата на тркачки автомобили на бензински погон.

Интересно е што првите 40 круга од трката лично ги возел претседателот на компанијата, шеесет и деветгодишниот Акио Тојода, кој самиот е пасиониран возач кој со години учествува на разни натпревари зад воланот на прототиповите на неговата славна компанија.

Бројни предности

Течниот водород и моторите што го согоруваат имаат неколку еколошки и економски предности: не само што емисиите на јаглерод диоксид се рамни на нула, а емисиите на азотни оксиди минимални, туку тие отвораат можност моторите со внатрешно согорување, или поточно бројните технологии што постапно, во изминатите повеќе од сто години, се плетени околу нив, да останат во употреба, со што можа да се избегнат крупни, скапи технолошки престројувања на електрични возила.

Опстанокот на мотори со внатрешно согорување би значел и опстанок на карактеристичното рикање и турирање што им се драги на многу љубители на авто-мото трките и моќните машини воопшто, а кои се елиминирани од тивките електрични погонски единици.

Дополнително, течниот водород, иако се чини дека бара потешка опрема од гасниот, е побезбеден во смисла дека не бара уреди што одржуваат притисок за гасот да не се прошири нагло или да не предизвика експлозија.

Во „Тојота“, чиј подвиг во конструирањето возила на течен водород беше прогласен во јапонските медиуми како нов голем придонес за постигнување на јаглеродно неутрално општество, очекуваат да ја зголемат корисноста, или поточно ефикасноста, на овој вид гориво и мотор за околу една петтина во иднина, а потоа истите да ги применат во масовното производство на камиони и градежни машини.

Треба да се напомене дека „Тојота“ веќе некое време соработува со компании од други области со цел да што побрзо и поефикасно да развие инфраструктура за складирање и транспорт на водород. Во овој гигант се надеваат дека во иднина водородот би можел да се црпи од геотермални извори во самата Јапонија, со што ќе се постигне самоодржливост во снабдувањето со гориво за прв пат во историјата на домашната автомобилска индустрија.

Најголемиот извозник во земјата и движечката сила на целата јапонска економија, „Тојота“ продолжува да работи на спроведување на филозофијата на Акио Тојода, кој долго време целосно се залага за истовремен развој на повеќе погонски технологии, вклучувајќи тука и мотори со внатрешно согорување чие гориво е водород, наместо да се фокусира исклучиво на електрични возила.

Крупни мани

Сепак, несомнено дека сè уште постојат големи технички предизвици. Еден е тоа што течниот водород, иако е поекономичен во однос на просторот од гасот, самиот бара голем резервоар поради неговата мала густина, или, алтернативно, многу често полнење на резервоар со стандардна големина.

Исто така, бидејќи, и покрај топлинската изолација, поради многу повисоката надворешна температура, ладниот течен водород неизбежно постепено се загрева и преоѓа во гас, ова практично значи дека возилото што стои повеќе денови е осудено да изгуби добар дел од горивото преку испарување дури и ако воопшто не се движи (освен ако во него не е инсталиран некаков систем за постојано ладење). Ова не е проблем кога станува збор за трки, бидејќи резервоарот за течен водород се троши веднаш, но е доста тешко кога станува збор за обични патнички автомобили и начинот на кој се користат.

Затоа не е изненадувачки што инженерите на „Тојота“ во моментов зборуваат за можна употреба на течен водород во камиони и градежна механизација, бидејќи тие овозможуваат инсталирање на поголеми резервоари и системи за ладење.

Но, не треба да се биде песимист и да се дисквалификува (течниот) водород од приказната за патничките автомобили, бидејќи тоа не би бил прв пат „Тојота“, или некој друг производител на возила, да реши одреден технички проблем што изгледа физички непремостлив.

Испрати коментар

Scroll To Top