Насловна / Архитектура / Одбројувањето започна – Египет ги отвара вратите на најголемиот археолошки музеј во светот

Одбројувањето започна – Египет ги отвара вратите на најголемиот археолошки музеј во светот

За три недели во Египет конечно ќе се отвори најголемиот археолошки музеј во светот, чија изградба траеше две децении и кој на посетителите ќе им понуди досеганевидени артефакти преку импресивно мултимедијално искуство.

Љубителите на историјата и археологијата веќе букираа билети, бидејќи ова лето Каиро, или поточно платото пред пирамидите во Гиза, е дестинација што не се пропушта.

Долгонајавуваниот и дваесет години припреман Голем египетски музеј, најголемиот археолошки музеј во светот, свечено ќе ги отвори своите врати за посетителите на 3 јули.

На речиси 500 илјади квадратни метри ќе бидат изложени повеќе од сто илјади експонати, што сведочат за развојот на седум милениуми стара цивилизација, а големо внимание на јавноста предизвикува и досега невиденото богатство од гробницата на кралот Тутанкамон.

Љубопитните можеа да ѕирнат во некои од богатствата уште од минатиот октомври, бидејќи музејот тогаш ги подотвори своите врати, но вистинско мултимедијално патување низ времето во земјата на фараоните ќе биде можно за три недели, кога е закажано официјалното отворање.

Архитектонското решение за кое пишуваше нашата дописничка од Каиро во Порта 3 е дело на студиото Хенеган Пенг од Даблин и е замислено како здание како четвртата пирамида, со огромен прозорец и поглед на останатите и Сфингата. Лобито го краси грандиозна статуа на фараонот Рамзес II стара 3.200 години, еден од првите експонати што беа доставени.

Во музејот може да се види и реконструирана таканаречена соларна барка, бродот Куфу, пловило што го користел богот на Сонцето Ра.

Се очекува новиот музеј, чија реализација, од првата идеја во 1992 година до денес, чинеше повеќе од милијарда долари, да фрли нова светлина врз една од најенигматичните цивилизации, чии митови и легенди ја скокоткаат имагинацијата на научниците и истражувачите со векови, и да стане една од најпосетуваните атракции во овој дел од светот.

Испрати коментар

Scroll To Top