Насловна / Вести / Намалување на ризикот и последиците од индустриски несреќи

Намалување на ризикот и последиците од индустриски несреќи

Без оглед на фактот што индустриските несреќи имааат мала веројатност да се случат, често тие носат сериозни штети и последици за граѓаните, заедницата и за животната средина. Причините за настанување на индустриска несреќа се различни: човечки фактор, нарушувања во технолошкиот процес, природни непогоди со посилен интензитет, саботажа, тероризам и сл. Но, по санацијата на штетите и утврдувањето на причините, важно е секогаш да се научи од направените грешки и пропусти и да се подобри системот за превенција и заштита со цел спречување на појава на таков настан во иднина.

Токму најголемата индустриска катастрофа во Европа во 1976 година, предизвикала серија активности и дејствија кои меѓу другото доведуваат и до создавање и усвојување на Директивата на Советот 82/501/ЕЕЗ од 24 јуни 1982 година, за опасностите од големите несреќи од одредени индустриски дејности со цел спречување на големите несреќи и ублажување на последиците доколку сепак истите се случат. Токму според несреќата во италијанското место Севесо, оваа директива на ЕУ која до денес има претрпено неколку измени и дополнувања, популарно се нарекува СЕВЕСО Директива. Освен што се разбира е на сила во сите земји членки на ЕУ, земјите кандидати исто така имаат обврска да ја транспонираат во своето национално законодавство. Во Македонија тоа сè уште не е сторено.

 

Но, да се вратиме на несреќата во Севесо. Голема хемиска хаварија се случила во малото гратче на 20-тина километри од Милано, на 10-ти мај, 1976 година. Станува збор за најголема хемиско-индустриска катастрофа во историјата на Европа. Од хемиската фабрика која ѝ припаѓала на компанијата ICMESA (Industrie Chimiche Meda Società Azionaria) дошло до истекување на опасно хемиско соединение 2,3,7,8- тетрахлордибензодиоксин, чии молекули се состојат од атоми на јаглерод, водород, кислород и хлор.

Се смета за едно од најотровните хемиски соединенија познати на човекот, кое е околу 200 пати потоксично и од бојниот отров сарин. Делува канцерогено и тератогено (опасно е во развојните фази на организмот). Несреќата се случила поради грешка во еден од хемиските процеси тој ден, што предизвикало испуштање на околу седум тони различни хемикалии, од кои само еден килограм од споменатата токсична материја.

Во првите неколку дена по настанот, во Севесо и околината биле пронајдени околу 3.300 мртви домашни и диви животни. Спроведена била опсежна операција на евакуација и деконтаминација, а многу животни биле убиени (околу 80.000 до крајот на 1978 година), со цел да се спречи навлегување на хемикалијата во синџирот на исхрана на човекот. Иако ниту еден човек не умрел како последица на катастрофата, 26 трудници се одлучиле на абортус, поради тератогеното влијание на споменатото соединение. Кај 447 луѓе биле забележани промени на кожата слични на акни, а спроведени се и бројни парнични постапки за надоместок на штета.

СЕВЕСО Директивата (актуелната е SEVESO III 2012/18/EU) всушност поставува барања од операторите на постројки кои складираат и работат со опасни хемикалии да ги идентификуваат опасностите и да подготват планови со мерки за постапување. Истата обврска ја имаат и локалните власти на чија територија се наоѓаат ваквите постројки.

Обврски за операторите (сопствениците на постројките)

  • Идентификување на опасностите и преземање на сите мерки потребни за спречување на големи несреќи, ублажување на нивните последици и преземање мерки за отклонување на штетата по околината.
  • Изработка на посебни документи со кои докажува дека има воспоставено систем за управување со безбедноста и се спроведува политика за спречување на големи несреќи заради контрола на опасноста од големи несреќи, како план за случај на опасност.
  • Да ги пријавува податоците за присутност на опасни материи на надлежните институции, како и да ја информира јавноста и другите засегнати страни во случај на опасност од големи несреќи.
  • Со цел да се намали ризикот од домино ефект доколку објектите се лоцирани блиску односно на начин кој ја зголемува веројатноста од големи несреќи, операторите соработуваат при размената на соодветни информации и ја информираат јавноста.
  • Користејќи ги податоците за присутноста на опасни материи добиени од операторите, надлежното Министерство има обврска да ги утврди подрачјата во кои има поголема веројатност од појава на големи несреќи.

Обврски за локалните самоуправи

  • Да изработат Надворешен план за цивилна заштита, врз база на проценката за големи несреќи, со детална проценка за загрозеноста на локалното население, материјалните добра и животната средина.
  • При изработка на просторните планови и при донесувањето на одлуки во согласност со прописите со кои се врши просторното уредување, особено при одредувањето на локации за нови постројки, како и при планирање на нови градби од типот на сообраќајници, јавни површини и станбени подрачја, мора да се земат предвид целите за спречување на загадувањето на животната средина и последиците од истото.
  • При изработката на просторните планови мора да се земе предвид и оддалеченоста помеѓу различни постројки, односно постројките и станбените зони, јавните места и еколошки значајните подрачја, сè со цел избегнување на поголеми опасности за здравјето на луѓето и за животната средина.
  • Да се јакне свеста за активностите кои треба да се преземаат за намалување на ризиците.
  • Да се обезбедуваат услови за спроведување на активностите за намалување на ризиците од катастрофи.

Учеството на граѓаните и на граѓанските организации при донесувањето на споменатите планови, како и нивната информираност и активно учество во јавните расправи по овие прашања со забелешки и сугестии е од особена важност. Исто така, граѓаните треба да бидат запознаени со начинот на кој се постапува во случаите на опасност, несреќи и катастрофи.

Хрватска како земја во нашето поблиско опкружување која е членка на ЕУ, ја има транспонирано и имплементирано СЕВЕСО Директивата. На листата на идентификувани постројки кои може да бидат причинители за големи несреќи се наоѓаат бројни субјекти од енергетскиот сектор, хемиската индустрија, фармацевтски компании и др. Притоа, кај нафтената индустрија „ИНА“ се идентификувани најголем број на различни видови опасни супстанции – дури 1.078, додека компанијата за нафта и нафтени деривати „ПЕТРОЛ“ има 744. Сите подрачја односно локации каде што се наоѓаат ваквите постројки се мапирани и категоризирани според опасноста во 4 групи.

И наместо заклучок, потсетување дека несреќите не можат 100 отсто да се избегнат, но подготвеноста во однос на навремена идентификација на опасностите, како и подготовката за дејствување од страна на операторите, локалните власти и на граѓаните се клучни фактори од кои ќе зависи како ќе се ублажи ризикот и ќе се санираат последиците.

 

Испрати коментар

Scroll To Top