Насловна / Архитектура / Новото крило на Метрополитен музејот во Њујорк

Новото крило на Метрополитен музејот во Њујорк

Познатиот Метрополитен музеј во Њујорк го откри проектот на новото крило кое ќе биде посветено на колекцијата уметност од 20. и 21.  век, а ќе биде изведено според проектот на мексиканската архитектка Фрида Ескобедо, и тоа како првата жена што проектирала крило на популарниот Мет.

Откако пред две години Ескобедо го презеде проектот од познатиот Дејвид Чиперфилд, поради како што беше наведено „константно зголемување на трошоците“,претставен е изгледот на новото крило, кое ги мири историските и современите архитектонски традиции.

Крилото, за чија изградба финансии обезбедиле бизнисменот и филантроп Оскар Танг и неговата сопруга, археолог и историчар на уметност Агнес Хсу-Танг, со повеќе од 6.500 нови квадратни метри ќе го зголеми галерискиот простор за речиси 50 отсто.

Ова проширување ќе го реши прашањето за пристапност, ќе ја подобри инфраструктурата и ќе ја подобри одржливоста на зградата. Отворањето на новото крило се очекува во 2030 година, најави Метрополитен на својата веб-страница.

Во моментов, распоредот на постојните галерии на модерна и современа уметност има значителни ограничувања за посетителите, вклучувајќи недоволно пристапни лифтови и предизвикувачки систем за навигација.

Според новиот проект, планирано е да се инсталира второ лифтовско јадро, рампи и да се подобри внатрешната циркулација, така што ќе обезбеди рамноправен пристап до сите катови, а корисничкото искуство ќе биде исто за сите посетители.

Проектот на Фрида Ескобедо ги спојува современите архитектонски елементи со етаблираните архитектонски стилови на Метрополитен музејот на уметност, како што гласи неговото целосно име.

Планираното петкатно крило треба да има карактеристична камена фасада, која потсетува на историските и современите архитектонски традиции, а воедно да создаде визуелно впечатлив фасаден изглед што е во склад со постојната структура.

Во внатрешноста, проектот дава приоритет на чистиот тек на галерискиот простор, со различни висини на таванот – од 3,5 до 7 метри – за да се овозможи флексибилно поставување на уметнички дела со различни димензии и формати.

Покрај проширувањето на галерискиот простор, новото крило ќе обезбеди и неколку дополнителни содржини, чија цел е подобрување на удобноста и уживањето на корисниците.

Така, во новото крило ќе има и ново кафуле, кое ќе обезбеди простор за кратка пауза и освежување, а надворешните тераси ќе понудат добар поглед на Централ Парк.

Исто така, планирано е проширување на просторот на кровната тераса Iris and B. Gerald Cantor Roof Garden а ќе се обезбеди и доволен простор за организирање изложби и настани на отворено.

Со проектот е планирано и вклучување одржливи градежни практики, со цел намалување на потрошувачката на енергија и минимизирање на еколошкото влијание.

„Нашата цел беше да создадеме зграда што целосно ги задоволува потребите и аспирациите на Метрополитен, спојувајќи ги виталните врски помеѓу галериите на модерната и современа уметност и другите делови на музејот, а во исто време изразувајќи ја посебната важност на Танг крилото во овој град“, вели Фрида Ескобедо, основач и директор на архитектонската фирма Frida Escobedo Studio.

„Крилото е во Њујорк, но е исто така дел од светот и ја одразува глобалната природа на оваа голема колекција, и исто така црпи инспирација од единствената околина на музејот. Таква амбиција може да се реализира само преку тесна и доследна соработка. Длабоко сме благодарни на нашите исклучителни партнери во Метрополитен музејот и на сите членови на експертскиот проектантски тим“, додава проектантаката.

Испрати коментар

Scroll To Top