Насловна / Архитектура / Првонаграденото решение на регионалниот конкурс за модуларна префабрикувана куќа

Првонаграденото решение на регионалниот конкурс за модуларна префабрикувана куќа

На регионалнот конкурс за модуларна префабрикувана куќа која може да расте заедно со семејството распишан од порталот https://www.gradnja.rs/, на кој пристигнаа 110 трудови, добитници на првата награда се архитектите Далиа Дуканац и Стефан Ѓорѓевиќ, од белградското Студио Тактика.

Конкурсот беше регионален и анкетен. Според видот, отворен, едностепен и анонимен. Право на учество имаа архитекти, градежни инженери и проектанти со или без лиценца, како и студенти по архитектура, градежништво и дизајн од територијата на поранешните југословенски републики (Србија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Северна Македонија, Босна и Херцеговина).

ПОБЕДНИЧКО РЕШЕНИЕ

Обликувањето и материјализацијата на победничкото решение се резултат на внимателно избран спој на контекст и корисник – руралните, ридски предели на Балканот се сретнуваат со барањата на современиот номадски живот.

Предложеното решение е проектирано како одговор на потребите на дигиталниот номад, личност која бара баланс помеѓу природната средина и функционалности за работа и живот, со можност за проширување на просторот во согласност со промените во животниот стил.

Поигрување со кровот

Архитектонскиот израз на објектот се потпира на препознатливиот облик на двоводен кров – архетипски симбол на селска куќа – кој овде е реинтерпретиран така што крие пластеник под кровниот венец, продолжувајќи ја функционалноста на објектот кон одржливо одгледување храна. Големата вредност на овој проект е што архитектите понудиле и различни форми на кровот: полусводен, рамен и CLT кров кој е едноводен или двоводен.

Основата на куќата е направена како едноставна форма со централно позиционирано функционално јадро, што овозможува флексибилна организација на просторот и кружно движење во внатрешноста на објектот. Овој пристап не само што овозможува персонализација на ентериерот, туку и поттикнува динамичен начин на користење на просторот.

Архитектонскиот акцент дава голем кружен прозорец, кој внесува изобилство на природна светлина и визуелно комуницира со пејзажот, а во исто време го впишува препознатливиот современ карактер на куќата.

Завршната обработка на фасадата комбинира топли тонови на природно дрво и современи алуминиумски панели, одразувајќи ја рамнотежата помеѓу традицијата и иновацијата.

Фасадната обработка ритмички ги комбинира отворите на прозорците и дрвените панели, со што се постигнува динамична игра на светлина и сенка, како и визуелно раздвојување на јавните и интимните зони.

Просторниот квалитет е дополнително збогатен со плато, кое произлегува од основната конфигурација на куќата и функционира како полуприватен простор за престој на отворено.

Конструкцијата на објектот е од  CLT панели — додека завршната обработка на кровот е изработена од проѕирен поликарбонат, што овозможува продирање на дифузна светлина во пластеникот и ентериерот.

Сите модули се проектирани како префабрикувани елементи, прилагодени на стандардни транспортни средства (шлепер), што значителноја олеснува монтажата и ги намалува трошоците за изградба, но исто така отвора можности за имплементација на оддалечени или тешко достапни локации.

Куќа што расте со семејството

Проектот детално го разработува модуларниот систем преку три основни идентични модули, додека дополнителните два модула се прикажани шематски, со акцент на нивните можности за комбинирање и надградба.

Овој пристап им овозможува на корисниците да започнат со помал станбен волумен, кој со текот на времето – како што семејството се шири или се развиваат дополнителни активности – може да се надгради во согласност со специфичните потреби.

Растот на куќата на тој начин станува природен процес, хармонизиран со животните циклуси и избраната природна средина.

Современ живот во дијалог со традицијата

Овој проект за модуларна префабрикувана куќа претставува целосен одговор на предизвиците на флексибилното домување во руралните средини, успешно комбинирајќи ги традиционалните архитектонски елементи со современите конструктивни решенија.

Благодарение на модуларносат, оваа куќа не функционира како фиксно решение, туку како жив систем кој се менува во склад со корисникот, расте, се трансформира и се адаптира. Така, таа станува не само место на живеење, туку и алатка за поквалитетен, поодржлив и поосмислен живот во природен амбиент.

Во време кога повторно се преиспитува односот помеѓу човекот и просторот, овој проект поставува важни прашања, но нуди и конкретни одговори – како да се гради едноставно, а богато; локално, а универзално; современо, но со почитување на традицијата.

Испрати коментар

Scroll To Top