Концептот на семејна куќа наречена Double Villa Буковац е создаден како еден вид последица од полемиката со Генералниот урбанистички план на градот Загреб. Имено, парцелите на кои се наоѓа објектот намерно отстапуваат од конвенционалните насоки за урбанистичко планирање кога станува збор за индексот на изграденост, искористеноста на просторот, висината на објектот и бројот на паркинг места.

Наместо да се прилагоди на овие норми, проектот потпишан од njiric+architecti вклучува визија за преобликување на зелените падини на периферијата на Загреб за типологија на домување со помала густина – фаворизирајќи помали волумени, пониски структури, поблаг отпечаток и повеќе зелени површини. На овој начин, куќата станува студија на случај што предлага нова форма на урбана пристојност за градот.

Намалени размери и типолошка промена
Наместо максимално да ја искористат дозволената бруто развиена површина од 600 квадратни метри по парцела, секоја од двете станбени единици се протега на само 180 квадратни метри станбен простор.
Отстапувајќи од типичната вертикална распределба по етажи, што е чест пристап во повеќегенерациското домување во овој контекст, проектот воспоставува хоризонтален повеќегенерациски распоред на живеење на две соседни парцели.

„Со оваа идеја на ум, куќите се поставени една покрај друга, а просторот меѓу нив функционира како кохезивна, заедничка зона“ – објаснуваат од загрепската фирма njiric+ architecti.
Полн фасаден ѕид покрај улицата го дефинира просторот и создава праг и преодна зона, формирајќи интерактивен простор од внатрешната страна. Оваа северозападна фасада, свртена кон улицата, е претежно затворена, заштитувајќи го ентериерот од бучава, ветер и несакани погледи и обезбедувајќи приватност.

Спротивно на тоа, југоисточната страна на куќата се отвора целосно кон градината, прифаќајќи зеленило, сончева светлина и панорамски поглед на градот, според студиото основано во Загреб во 2001 година од архитектот Хрвоје Њириќ.

Архитектонски референци и инспирација
Како што наведуваат архитектите, проектот црпи инспирација од лични средби со влијателни објекти во архитектонската пракса. Особено, Vila Barbaro, дело на Андреа Паладио, ја инспирирала симетријата на куќа која е дисциплинирана, додека Eames House/Studio влијаел на концептот на обединета атриумска просторност и просторна дуалност.

Кампусот на Универзитетот Вирџинија, проектиран од Томас Џеферсон, влијаел на односот кон теренот и класичниот ритам на фасадите. Куќите од „Case Study“ програмата во Лос Анџелес им служела на архитектите како референца во однос на конструктивните техники и динамичниот однос кон урбаниот пејзаж, особено во однос на панорамските визури на градот.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија