Насловна / Арт и дизајн / Голема изложба на дела на Анри Матис во Ница

Голема изложба на дела на Анри Матис во Ница

Нова изложба на делата на Анри Матис во Musée Matisse во Ница. Музејот е сместен во величествената Вила des Arènes од 17 век, која вреди да се посети и поради паркот што ја опкружува. Музејот е отворен во 1963 година и во него се наоѓа една од најголемите колекции на дела од Анри Матис во светот.

Festival of Flowers, 1923, The Cleveland Museum of Art, fund Mr. and Mrs. William H. Marlatt

На почетокот на мај, тука е отворена изложбата Matisse Méditerranée(s), посветена на делата на уметникот што во центарот на вниманието  ги ставаат Медитеранот и Азурниот Брег. Како што самиот Матис истакнувал, сонуливото Средоземно Море имало пресудна улога во развојот на неговото творештво, инспирирајќи го да експериментира со нов визуелен јазик обликуван од уметничките традиции на овој регион. „Како човек од север, не го познавав Медитеранот, па затоа тој ми остави најсилен впечаток“, рекол уметникот во едно интервју во 1941 година.

Bathers with a Turtle, 1907-1908, Saint Louis Art Museum, Gift by Mr. and Mrs. Joseph Pulitzer Jr.

Морето било присутно во композициите на Матис уште од почетокот на 20 век, кога тој се занимавал со истражување теми за земскиот рај и Аркадија – како што е сликата „Les Baigneuses à la tortue“ (1907–1908), каде што стилизирани ленти од копно, море и небо се спојуваат во позадината на сликата. Во овој период, уметникот патувал по медитеранскиот брег, наоѓајќи инспирација на сонливите острови, каде што цветал фовизмот помеѓу 1905 и 1914 година. Тука се обликувала препознатливата естетика на Матис, бидејќи уметникот не го сликал само морето и синиот хоризонт, туку ги користел како елементи што го градат и редефинираат просторот.

Nude in the Studio, 1928, Private collection, Courtesy of Nancy Whyte Fine Arts

Сè уште фасциниран од Медитеранот, Матис пристигнал во Ница во 1917 година, град чии тесни улички и пенливо сино море го освоиле – толку многу што останал таму до својата смрт во 1954 година. Имајќи го тоа предвид, има смисла зошто еден од најголемите музеи посветен на познатиот уметник се наоѓа во Ница, градот што го обликувал. Таму тој повторно го открил Медитеранот, неговите кристални бранови и прекрасната вегетација, кои ги набљудувал од своите бројни студија со поглед на морето, кои се наоѓале во самиот град или на ридот Симез. А токму тие прозорци со поглед на континуираните сини пространства биле чест елемент на неговите слики од тој период, прозорци што потсетувале на оние во собите на хотелот Hôtel de la Méditerranée и Hôtel Beau Rivage“ каде што уметникот престојувал.

Interior with a Violin Case, Nice, 1918-1919 Museum of Modern Art, New York

Од Ница, уметникот патувал со автомобил до многу места на Азурниот брег – па така турата од Кан до Musée Matisse помага на некој начин целосно да се разбере неговата уметност, гледајќи ги пејзажите што го фасцинирале. Во Ница, може да се посети и палатата Caïs de Pierlas во историскиот центар на градот и поранешниот Hôtel Régina, каде што живеел уметникот, за целосно искуство. Во пространото хотелско ателје, Матис почнал да работи и на големи композиции, создавајќи колажи од хартија што ги закачувал директно на ѕидот.

The Blue Villa, Nice, 1918, Private collection, Courtesy of Hauch Gallery, Prague

Јасно е дека делата на Матис се исклучително важен дел од медитеранското културно наследство, а оваа изложба има за цел да ги преиспита делата на уметникот низ призмата на Средоземното Море и неговите симболични локации. Изложбата овозможува да се види Азурниот брег низ очите на уметникот преку серија ремек-дела ретко изложени во Франција. Тие се позајмени од MoMA во Њујорк, приватни колекции и други странски музеи, што ја прави изложбата Matisse Méditerranée(s) една од ретките можности да се видат овие дела во живо.

Изложбата ќе биде отворена до 8 септември 2025 година.

Calm and Pleasure, 1904, Musée d’Orsay, Paris

Still Life with Seashell, 1940, Private collection

Still Life with Oranges, 1912, Musée national Picasso, Paris

Испрати коментар

Scroll To Top