Насловна / Архитектура / Новиот главен град на Египет

Новиот главен град на Египет

Во срцето на пустината, на околу 45 километри источно од Каиро, се издигнува амбициозен урбанистички подвиг од регионално значење – новиот главен град на Египет. Замислен е како одговор на преоптовареноста на Каиро, но неговата амбиција не е само да го растовари сегашниот главен град од пренаселеноста и хаосот, туку и целосно да го редефинира социоекономскиот пејзаж на Блискиот Исток и на Северна Африка – веројатно и на целиот арапски свет – притоа станувајќи своевиден ривал на Дубаи.

Иако градот веќе интензивно се гради, пробиени се многу булевари и улици, изградени се згради и паркови, а дузина други се градат или сѐ уште се проектираат, градот сѐ уште нема име. Официјално сѐ уште се нарекува „New Administrative Capital“ – (NAC) или „Нов административен центар“,  а конечниот избор на името на градот останува предмет на дебата и е политички сензитивна одлука.

Меѓу предлозите кои ги разгледуваат египетските власти се имиња како Ведиан (долина), Маср (арапски за Египет), Кемет (антички термин за плодна земја), Ал Салам (мир) и други. Последниот предлог ја одразува аспирацијата на градот да служи како дипломатски центар, домаќин на глобални самити и на амбасади. Неизвесноста околу името ја истакнува трансформативната природа на градот – простор кој истовремено e производ на прагматична потреба, но и празно платно за културно и за симболично редефинирање, кое веќе се обликува од амбицијата да биде технолошка гордост не само на Египет, туку и на арапскиот свет. Фактот што властите сѐ уште не се одлучиле за име и по добри 7-8 години од изградбата на првите сообраќајници, само го потврдува значењето на таквата одлука – името мора да соодветствува на амбицијата градот во иднина да стане носител на национална гордост и идентитет.

Новиот административен центар е сместен на 45 километри источно од Каиро во близина на автопатот кој води кон Суец и кон Азија и е еден од најзначајните урбанистички експерименти на глобално ниво. Во таа смисла, градот не е само административно селење на институции и создавање домови за милиони жители, туку е и една лабораторија во која се тестираат разно-разни технологии и се преиспитуваат методи на планирање и проектантски парадигми.

Целта е градот да стане траен симбол на египетската архитектонска иновација, на политичката амбиција, но и на урбанистичката одржливост. Замислен е како урбана оаза во пустината, и го отелотворува египетскиот стремеж за создавање простор кој ќе ја спои историската величественост со футуристичкиот урбанизам.

Првично е планирано површината на урбаното ткиво на градот да има околу 700 км2 – речиси толку изнесува и збирната површина на сите десет скопски општини кои административно го сочинуваат градот Скопје – и да смести над 6 милиони жители во својата прва фаза, но со долгорочни планови за значително проширување и на капацитетот и на површината. Зад овој импозантен обем се крие сложена урбанистичка визија, поддржана од иновативна инфраструктура, одржливи технологии и архитектонски решенија кои го позиционираат градот како модел за идните метрополи.

УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ: ИНТЕГРИРАН И ОДРЖЛИВ ГРАД

Новиот административен центар на Египет е замислен како прототип на одржлив, функционален и добро управуван град. Неговиот генерален урбанистички план е создаден врз основа на дигитална инфраструктура и ригорозно зонирање, интегрирајќи владини институции, станбени комплекси, деловни центри, дипломатски квартови и обемни зелени површини во кохезивна урбана целина. Планирањето е водено од принципи на проодност, достапност, климатска адаптација и долгорочна флексибилност – квалитети што го разликуваат од Каиро, каде пренатрупаноста и спонтано таложената урбана густина низ вековите на континуирана населеност ги ограничуваат овие можности.

Централна карактеристика на градот е Green River Park, амбициозен парковски систем кој го формира урбаниот ‘рбет на новиот град. Инспириран од реката Нил, овој парковски систем е издолжен 35 километри, обединувајќи уредени паркови, урбани шуми, пешачки патеки и рекреативни простори. По неговото завршување, овој парк ќе биде дваесетина пати поголем од Градскиот парк во Скопје, или шест пати поголем од Централ парк во Њујорк, позиционирајќи се меѓу најголемите урбани паркови во светот. Овој зелен коридор не само што обезбедува простор за одмор и за социјална интеракција, туку и придонесува за подобрување на квалитетот на воздухот, намалување на урбаните топлотни острови и создавање визуелна и еколошка кохезија низ градот кој никнува среде пустина.

Транспортната мрежа на градот е подеднакво напредна. Брза електрична железница и еднолиниска железница („монореил“ систем) ќе го поврзуваат градот со Каиро и со регионот на делтата на Нил, обезбедувајќи ефикасна регионална поврзаност. Дополнително, посебни автобуски ленти, интелигентни системи за управување со сообраќајот и инфраструктура за електрични возила се вградени во урбанистичкиот план. Меѓународниот аеродром на новиот главен град, кој веќе е отворен од 2019 година, ја зајакнува неговата глобална поврзаност, олеснувајќи ја преоптовареноста на аеродромот во Каиро и поддржувајќи ја амбицијата за меѓународен економски центар.

Египетските планери, предводени од Шериф Ел-Шербини, внимателно ги проучувале глобалните примери на нови главни градови, особено Бразилија, изградена во 1950-тите според планот на Лусио Коста, Оскар Нијемер и Жоаким Кардозо. Иако Бразилија е прославена заради својата архитектонска смелост, нејзините недостатоци – вклучувајќи зависност од автомобили, недостаток на пешачка интеракција и социјална сегрегација – послужиле како поука.

Новиот административен главен град на Египет се стреми да ги надмине овие предизвици преку промовирање на зони за мешана употреба, пешачка пристапност, мултимодален транспорт и инклузивни јавни простори. Владините зони, иако монументални, се ублажени со зелени површини, разновидни станбени единици и достапни урбани атракции. Сепак, од досега видените фотографии лично не сум најубеден дека планот понудува човекомерност.

СИМБОЛИКА, ИНОВАЦИЈА И РЕГИОНАЛЕН ИДЕНТИТЕТ

Ако Каиро го отелотворува историското и културно наследство на Египет, со своите минариња и антички споменици, Новиот административен центар е архитектонска декларација за иднината. Градот веќе е дом на Iconic Tower („Иконичната кула“), највисоката зграда во Африка, со импозантни 394 метри. Проектирана е од кинеската државна корпорација за градежништво и инженеринг – China State Construction Engineering Corporation (CSCEC) – нејзината форма е инспирирана од древните египетски обелисци, спојувајќи историска симболика со современи материјали и технологии.

Кулата е дел од Централниот бизнис-дистрикт (The Central Business District), кој вклучува над 20 облакодери за канцеларии, хотели и за комерцијални простори. Архитектонскиот израз комбинира глобален модернизам со регионални елементи, како што се стаклени фасади со вертикални брисолеи за заштита од сонце и декоративни мотиви инспирирани од арапската уметност.

Еден од најамбициозните проекти е проектот за Oblisco Capitale (Обелиск капитале, главен обелиск), кој претставува мегаструктура проектирана да достигне 1 000 метри – надминувајќи ја висината на Бурџ Калифа во Дубаи. Дизајнирана од египетскиот архитект Мохамед Талаат, оваа структура интегрира симболика на лотосовиот цвет и обелискот, комбинирајќи национална гордост со геометриска апстракција. Проектот е одобрен за градба и се очекува да стартува со изведба во тековната 2025 година, а да заврши по неколку години.

Од другите значајни објекти се истакнува Претседателската палата, проектирана да биде меѓу најголемите во светот, Големата џамија со капацитет за 107.000 верници и најголемата коптска катедрала во Египет – Катедралата на Христовото Рождество. Овие структури не само што ја истакнуваат грандиозноста на проектот, туку и ја промовираат верската и културната инклузивност, создавајќи простор за национална и за меѓународна кохезија.

ФИНАНСИСКА СТРУКТУРА И ГЕОПОЛИТИЧКИ ИМПЛИКАЦИИ

Изградбата на првата фаза од градот е со проценета вредност од 58 милијарди евра и претставува значителен финансиски предизвик за економија соочена со инфлација и со долгови. Ова иницијално финансирање е обезбедено преку комбинација на јавни инвестиции, странски заеми и јавно-приватни партнерства, со огромен придонес од Кина.

Кинеските компании, особено CSCEC, инвестирале околу 33 милијарди евра во договори за изградба, фокусирајќи се на Централниот бизнис-дистрикт. Ова партнерство е дел од кинеската иницијатива наречена „Појас и пат“ (Belt and Road Initiative), којa претставува развојна стратегија врзана за традиционалниот „пат на свилата“, која на земјите членки им носи кинески капитал и експертиза, но отвора и спефицични прашања за геополитичка зависност од Кина и долгорочно поткопување на суверенитетот на одредени држави и региони.

Во внатрешнополитички контекст, новиот главен град на Египет е централен проект на администрацијата на претседателот Абдел Фатах ел-Сиси, и е промовиран како катализатор за економски развој и за административна ефикасност. Сепак, критичарите укажуваат на ризикот од приоритетизирање на имиџот над социјалната еднаквост, особено во услови на недостиг на станови и инфраструктурни предизвици во другите египетски градови.

Градот е сè уште во фаза на изградба, а неговиот конечен успех допрва ќе се оценува. Останува отворено прашањето до кој степен ќе ја оствари првичната цел да го растовари Каиро од преоптовареноста. Многумина се плашат дека живеењето во градот ќе биде прескапо, а како таков сепак нема да биде вистински достапен за сите класи, туку само за египетската елита, и притоа голем процент од постојното население ќе сочинуваат богатите странци и Арапи од околните држави.

Сепак неговата амбиција е неспорна, поставувајќи стандарди за урбанистички и за архитектонски иновации. Како жива лабораторија за модернистички и за современи урбани принципи, градот комбинира густина, полицентричност, одржливост и симболика, приспособени на блискоисточниот контекст. За архитектите, урбанистите и за глобалните набљудувачи, овој зафат нуди уникатен пример за следење и студирање за предизвиците и за можностите на создавањето на град од нула – не само како физички простор, туку и како отелотворување на египетските национални аспирации.

Автор: Бошко ВИДОЕСКИ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top