Насловна / Вести / Од Миладиновци до Штип по европски нов автопат

Од Миладиновци до Штип по европски нов автопат

Новиот автопат Миладиновци – Штип од денес е пуштен во употреба. Инвестицијата во автопатската делница, долга 47 километри, изнесува над 200 милиони евра. Со новото автопатско решение времето за патување од Скопје до Штип се намалува за половина час.

Од Министерството за транспорт и врски апелираат до корисниците да се почитува поставената хоризонтална и вертикална сигнализација.

avtopat Miladinovci Stip1

Автопатот е широк 27,4 метри, има четири ленти од 3,75 метри и две ленти за застанување од 2,5 метри. Проектираната брзина е 130 километри на час. По должината на автопатот има седум клучки. Делницата почнува после клучката Миладиновци, која има девет нови крака, долга е 1,5 километри и се спојува со коридорите 8 и 10. Последната клучка на автопатот е „Три чешми“,  каде ќе има спојување со новиот експресен пат во изградба Штип-Кочани.

Долж автопатот е поставена челична одбојна ограда, мрежа за заштита од животни, оптички кабел, звучни бариери, службени премини.

Изградбата на автопатот ја почна претходната Влада, во февруари 2014 година и според проектот и плановите тој требаше да биде готов до март 2017 година. По промената на власта надлежните институции соопштија дека има бројни пропусти во изградбата и незавршени активности, по што беа склучени два анекса на Договорот за изградба со изведувачот кинески „Синохидро“.

Во изградбата на патот покрај „Синохидро“ беа ангажирани и домашните градежни компании „Бетон“ и „Гранит“, односно над 800 работници од државава.

avtopat Miladinovci Stip

Испрати коментар

Scroll To Top