Насловна / Вести / Железничко поврзување на Македонија и Бугарија до 2023

Железничко поврзување на Македонија и Бугарија до 2023

Железничко поврзување на Македонија и Бугарија до 2023 година наместо претходно најавеното во 2025, очекуваат директорите на МЖ Инфраструктура Ирфан Асани и на Бугарската железница Красимир Папукчиски.zeleznicа

По состанокот во Скопје, Асани и Папукчиски изјавија дека е приоритет изградбата на железничкиот дел од Коридорот 8, преку кој, според направените студии, дневно треба да сообраќаат 10 пара товарни возови на релација Скопје-Софија.

Македонскиот дел од железницата со Бугарија опфаќа изградба на три делници, Куманово-Бељаковце (31 километар) единствената за која се почнати теренски активности,  Бељаковце-Крива Паланка (32)  и Крива Паланка – Деве Баир (23 километри), а поврзувањето треба да биде со изградба на тунел  во должина од 2.400 метри на граничниот премин Деве Баир.

Не е заокружена финансиската конструкција за третата делница, која се проценува дека ќе чини околу 400 милиони евра заедно со електрификација на првите две делници, а досега се обезбедени 60 милиони евра преку ИПА програмата.

– Првата фаза од Куманово до Бељаковце се гради, за втората фаза од Бељакоце до Крива Паланка сме пред распишување тендер за изградба, а за третата делница се  обезбедени 60 милиони евра  преку ИПА програмата кои ќе бидат достапни многу бргу, а државата веќе  преговара за обезбедување на останатите пари, појасни Асани.

Покрај за втората делница, лани на Самитот во Трст беа одобрени и 70 милиони евра за втората делница.  – Мора да почнеме да работиме што побргу за да можеме да ги искористиме средствата за чие користење има рок, наведе Асани.

Според него, изградбата на првата делница ќе заврши многу бргу, готови се нови осум километри пруга, а се решени 98 проценти од проблемите со кои се соочиле во изминатиот период поврзани со експропријација на земјиште, заради погрешно вештачење кое предизвикало низа судски спорови, археолошки наоѓалишта, грешки во проектирање. Имало проблеми и со дозволата за градба поради која имало забрана за работа од една година.

– Работите се интензивираат како што ги решаваме проблемите и сметаме дека набргу ќе може да се пушти пругата во употреба. Таму веќе имаме осум километри нова пруга која е ставена во функција се користи од Куманово кон Бењаковце каде се носат репроматеријали,  наведе Асани.

Тој најавува дека за втората делница од Бељаковце до Крива Паланка за недела до две ќе почне претквалификациска фаза и оти се очекува до крај на годината да се потпише договор со изведувач на градежните работи, кои би стартувале на пролет следната година.

Вкупната финансиска конструкција на пругата кон Бугарија, проект почнат пред  25 години се проценува да чини меѓу 600 и 700 милиони евра.

На Коридорот 8 Македонија треба железнички да се поврзе и со Албанија, со делницата Кичево-Лин, во должина од 63 километри, за која е готова проектната документација, а  за изградбата треба да бидат обезбедени 500 милиони евра.

Испрати коментар

Scroll To Top