Насловна / Вести / Завршуваат градежните работи за санација на Мелнички мост на Дебарско Eзеро

Завршуваат градежните работи за санација на Мелнички мост на Дебарско Eзеро

melnickimost

Работите за санација на Мелнички мост над Дебарското Езеро се во завршна фаза и деновиве се очекува да има технички прием, информира директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски, при денешниот увид на градежните активности. За санирање на Мелничкиот мост на Дебарско Езеро кај Дебар, потрошени се 69,9 милиони денари и уште 2,3 милиони денари за неговото осветлување, бидејќи се поставени и 18 канделабри.

Оваа го изјави при посетата на мостот Љупчо Георгиевски, директорот на Јавното претпријатие  за државни патишта на Македонија. Тој додаде дека санацијата на мостот, кој е долг 368 метри, опфати зајакнување на бетонските  и челичните површини преку зајакнување на столбовите  на мостот, како и зајакнување на челичниот носач, за што се вградени 92 тони арматура, отстранета е старата  ограда и тротоарите и истите се заменети со нови.

На мостот е поставена нова одбојна ограда  во должина од 375 метри, заштитен е цевководот  за водоснабдување на Дебар кој се протега по мостот и поставени се нови сливници.

Со реализацијата на овој проект, најзадоволни се жителите од овој крај затоа што по секое минување по мостот постоеше опасност од негово рушење. Според дебрани, кога мостот бил граден имало многу малку возила, но сега преку него минуваат и многу товарни возила, чија тежина секако претставуваше проблем за безбедноста на минување.

Директорот Георгиевски истакна дека во овој момент во Македонија се градат и се санираат пет моста. Тој воедно рече дека идната година ќе продолжи реконструкцијата на патната делница Бошков Мост – Дебар и доградбата  на патот Дебар – Кичево. Георгиевски, исто така, додаде дека во Македонија веќе се превземени активности за планирање  на  продолжување на патот од границата со Албанија, во која земја се гради патот Арбери.

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top