Насловна / Вести / За прв пат во ЕУ: Ветерот и сонцето обезбедуваат повеќе електрична енергија

За прв пат во ЕУ: Ветерот и сонцето обезбедуваат повеќе електрична енергија

Непрофитните организации што се фокусирани на климатските промени, односно енергетската транзиција, „Сандбаг“ и „Агора енергивенде“, го изработија шестиот годишен извештај за енергетскиот микс во Европа.
Едно од најважните сознанија на здружената група експерти е дека во 2019 година секторот за производство на електрична енергија „испуштил“ 12 проценти помалку јаглероден диоксид во однос на претходната година, сето тоа благодарение на зголемената употреба на обновливи извори. Уделот на чиста енергија во Европската Унија се искачил на 34,6 проценти и е поставен нов рекорд на ниво на оваа заедница на земји. Во споредба со 2018 година, тоа е раст од 1,8 отсто.

EU1
Забележаното намалување на емисиите на стакленички гасови во европските електрани е поголемо од која било година од 1990 година наваму. Успехот на ова поле се припишува на затворањето на термоелектрани на јаглен. Снабдувањето со електрична енергија од овој нафтен дериват се намали за 24 проценти, или околу 150 TWh, а позитивниот тренд во најголем дел е предизвикан од поскапувањето на тон произведен јаглероден диоксид на 25 евра. Повисоката цена придонесе генерирањето на електричната енергија од постројки со висок јаглероден отпечаток да биде помалку економски оправдано во споредба со генерирањето на електрична енергија од електрани на природен гас и постројки што црпат обновливи извори на енергија.
Германија, Шпанија, Холандија, Велика Британија и Италија се одговорни за 80 проценти од вкупниот пад на експлоатацијата на камен јаглен за да се задоволат енергетските потреби на населението и индустријата. Кога станува збор за лигнитот, две третини од падот се случиле во Германија и во Полска. За околу 1 процент е намалено учеството на нуклеарните централи, а единствените конвенционални постројки за производство на струја со зголемено учество се електраните на гас – и тоа за 12 проценти во однос на 2018 година, се вели во соопштението на организациите.

EU

Количината на електрична енергија што потекнува од ветер и сонце ја надминала количината на електрична енергија од јаглен за 100 TWh. Ветерниците испорачале 14 проценти повеќе електрична енергија поради поволните временски услови, а моќноста на соларните инсталации се зголемила за 7 проценти. Сите земји-членки на ЕУ учествувале во озеленувањето на енергетскиот микс освен Чешка. Производството во хидроелектраните опаднало за 6 проценти како резултат на сушите. Со оглед на тоа дека нуклеарните електрани исто така зависат од водата за ладење, сушното време негативно се одразило врз нив, особено во текот на јули, како и врз снабдувањето со јаглен во термоцентралите со водотеци. Вкупната потрошувачка на електрична енергија исто така била помала – и тоа за 56 TWh и изнесувала 3.222 TWh. Објаснувањето лежи во потоплата зима на европскиот континент.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top