Насловна / Архитектура / За aрхитектурата, за Универзална сала, за донацијата, ценовникот, еснафот…

За aрхитектурата, за Универзална сала, за донацијата, ценовникот, еснафот…

Уште на почеток треба да разјасниме дека мотивот за овој текст не е потребата читателите да дознаат што тоа во меѓувреме работи Бујар и колегите од Мегарон, туку: Зошто донација?… Зошто Мегарон?… Зошто Универзална сала…?

Бидејќи ниту едно од овие прашања нема интригантска или не дај Боже криминална заднина, со задоволство ќе ја споделам приказната со вас.

FINAL 3 (2) a_resize

Веќе долго време наназад, критериум за најдобар проект кај големите јавни работи е најниската цена која се постигнува со понижувачката негативна аукција на која „си вадиме очи“ едни со други за да ја добиеме работата. Новитет кај јавните претпријатија е што негативната аукција по ново е зачинета со претходни барања за достава на идејни решенија кои ги бодува внатрешна комисија, која има проектантско знаење и компетенција колку син ми кога престана да гради со лего коцки.

Во последниве неколку месеци, наголемо се зборува за Универзална сала, дали треба да се руши, дали треба да изгледа исто, дали е уметничко дело, дали има добра акустика, дали треба да ја гушнеме, па дебатни емисии, па стручни расправи…

DAY FINAL a_resize

За мене објектот нема некоја посебна архитектонска вредност, нема добра акустика, нема добра функционална шема и нема поливалентност која ја прави да биде универзална. Настрана што е градена во време кога воопшто не се внимавало на енергетската ефикасност никаде во светот, а камо ли кај нас.

Но, објектот има несомнена вредност како симбол на меѓународната солидарност кон Скопје и кон скопјани и има бесценета мемориска вредност за сите во државата, особено во делот на музичките фестивали од локално и меѓународно значење кои тука се одвиваа со децении.

Бидејќи намирисавме распишување тендер за проектирање на Салата, таков, со понижувачката негативна аукција, со очекуван исход од 2,5 евра за метар квадратен испроектирана површина за основен проект со сите фази, решивме да ги понудиме нашите капацитети на Град Скопје и проектот да го врачиме како донација… Зошто?

NIGHT FINAL a_resize

Затоа што имаме позитивна референца за таков вид на објекти, затоа што со помош на пријателски фирми може да си дозволиме скапи техники на длабинско 3Д евидентирање на постојната состојба на објектот, затоа што сакаме да го испроектираме објектот, притоа не срамејќи се од постигнатата цена и најважно од сè: во нашиот Договор за донација стои реалната цена на архитектонскиот и инженерскиот труд, која се надеваме дека во иднина ќе стане референтна цена на трудот на сите наши колеги.

Во оваа држава преовладува бројот на добри проектанти наспроти оние помалку добрите. А лошата архитектура потекнува од лошите клиенти, кои мислат дека се успешни бизнисмени ако евтино се испазариле за проектот, од оние кои откако изгледале три емисии на Fine Living мислат дека ни се колеги, оние кои нè озборуваат после три ракии со комшијата чиј баџанак е статичар и правел оптимизации на конструкцијата.

Ете затоа драги колеги, овој текст е за проектот за објект што го сакаме го донираме, а Град Скопје и градоначалникот храбро ја прифатија фрлената ракавица. А инаку да, имаме голема трема која е резултат на одговорноста која ја прифативме. И сакаме овојпат, на овој подарен коњ, да му се гледаат забите.

Автор: Бујар МУЧА, дипл. инж. арх.

Мегарон Инженеринг – Скопје

Испрати коментар

Scroll To Top