Насловна / Вести / Во Јапонија јакни за ладење со вградени вентилатори на батерии

Во Јапонија јакни за ладење со вградени вентилатори на батерии

Во Јапонија, каде што температурите во текот на летните месеци често надминуваат 35 степени Целзиусови, а високата влажност го отежнува секојдневниот живот, пронајден е паметен начин работниците да се заштитат од топлотен удар и да зачуваат енергија – носат јакни со вградени вентилатори на батерии.

Овие необични, но исклучително функционални јакни станале вистински спасител за илјадници луѓе кои работат на отворено, особено во градежништвото, логистиката и индустријата.

На прв поглед, јакната изгледа како обично парче работна облека, но кога ќе се вклучи, два мали вентилатори – обично сместени на долниот дел од грбот – почнуваат да вшмукуваат надворешен воздух и да го пропуштаат низ внатрешноста на јакната. Воздухот циркулира околу телото, испарува потта и создава чувство на пријатно ладење. Јакните се напојуваат со помош на литиум-јонски батерии кои можат да траат и до 8 часа, во зависност од брзината на вентилаторот.

Овој изум го осмислил поранешниот инженер на Sony, Хироши Ичигаја, уште во 2004 година, но почнал да добива на популарност дури во последниве години, со се поголемо глобално затоплување и почестите топлотни бранови. Компанијата „Kuchofuku”, што во превод значи „облека со воздух“, ги произведува овие јакни и други слични уреди со вентилатор, наменети да го ладат телото – вклучувајќи перници, столчиња, па дури и постелнина.

Во Јапонија, оваа технологија не се смета за луксуз, туку за неопходност. Секоја година се евидентираат илјадници случаи на топлотен удар, вклучувајќи многу работници кои се изложени на сонце со часови. Освен што го штитат здравјето, овие јакни значително ја зголемуваат продуктивноста, бидејќи луѓето можат да извршуваат физички тешки задачи подолго и поефикасно без да го ризикуваат својот живот.

Јапонската влада и многу компании ја охрабруваат употребата на ваква опрема како дел од пошироката стратегија за борба против климатските промени и зачувување на работната сила. Во последно време, овој концепт почна да се шири и надвор од Јапонија – компаниите во Јужна Кореја, Кина, па дури и делови од Европа и САД сè повеќе воведуваат јакни со вентилатор во своите работни средини.

Испрати коментар

Scroll To Top