Во североисточниот дел на Франција, научниците неодамна дошле до едно од најзначајните откритија во областа на чистата енергија. На длабочина од 1.250 метри под земјата, истражувачите од лабораторијата GeoRessources и Националниот центар за научни истражувања (CNRS), откриле дури 46 милиони тони природен, т.н бел водород. Белиот водород е една категорија со посебна дефиниција. За разлика од зелениот водород, кој се добива по пат на електролиза со користење на енергија од обновливи извори, или сивиот водород за чие производство се користат фосилни горива, белиот водород настанува по природен пат и се наоѓа во земјината кора, подготвен за директна употреба без дополнително индустриско процесирање.
Проценетата вредност на наоѓалиштето е околу 92 милијарди долари. Франција има донесено Стратегија за водород во 2020 година, со буџет од 9 милијарди евра, со цел декарбонизација на тешката индустрија и изградба на капацитети за производство на водород преку електролиза. Иако со помош на тие мерки индустријата започна со транзиција, сепак постојат бројни предизвици, а многу проекти се одложуваат. Сега е во тек подготовка на нова Стратегија, која ќе добие на значење со оглед на неодамнешното откритие на наоѓалиште на водород.