Насловна / Вести / Уметнички дела од 54 автори избрани на првиот конкурс за откуп

Уметнички дела од 54 автори избрани на првиот конкурс за откуп

otkup na dela

Дела од 54 македонски автори се избрани на првиот конкурс за откуп на уметнички дела, кој Министерството за култура го објави на крајот на 2013 година.

„Откупот на уметничките дела  е една од стимулативните мерки со кои имавме интенција да го збогатиме националниот фонд на дела, да го поттикнеме домашното уметничко творештво и да ја афирмираме уште понагласено улогата и статусот на авторот“, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на денешната прес-конференција во објектот „Порта Македонија“. Таа потсети дека неодамна беа објавени и резултатите од  конкурсот за откуп на музички композиции, што ќе овозможи трикратно зголемување на продукцијата на музичките дела од областа на класичната музика во Република Македонија, како и резултатите од конкурсот за странски издавачи преку кој се обезбедува промоција на македонското литературно творештво во меѓународен контекст.

На конкурсот за откуп на уметнички дела до Министерството за култура пристигнаа вкупно 228 пријави за 605 дела кои  беа разгледани и оценети од стручна комисија во состав: Викторија Васева–Димеска, Захаринка Алексоска-Бачева, Маја Неделкоска-Брзанова, Сафет Ахмети и Конча Пирковска.

Според јасно утврдените критериуми и потребите на институциите, комисијата изврши избор на дела на 54 автори кои дале исклучителен, индивидуален придонес во развојот на ликовната уметност во Република Македонија, автори потврдени промотори, иницијатори на одредени појави, движења и стилови во националната ликовна уметност, уметници кои учествувале на значајни групни изложби или манифестации во земјава и во странство, како и дела од млади уметници со истакнат ликовен израз.

-Во интерес на времето, дозволете ми да ви споменам само дел од авторите чии дела ќе бидат откупени во овој прв конкурсен рок: Ристо Калчевски, Томо Шијак, Лена Стефанова, Тоде Ивановски, Методија Ивановски-Менде, Григор Чемерски, Вељо Ташовски, Симон Шемов, Милош Коџоман, Рубенс Корубин, Антони Мазневски, Ацо Станковски, Томе Аџиевски, Жанета Вангели, Решат Амети, Благоја Маневски, Дита Старова, Атанас Ботев и многу други уметници од РМ, истакна Канческа-Милевска.

Министерката за култура информираше дека деновиве ќе биде објавен конкурсот за откуп на уметнички дела за 2015 година и апелираше уметниците да ја достават целосната документација што се бара во конкурсот затоа што поради нецелосна документација на првиот конкурс не биле прифатени апликации и на реномирани уметници.

На прес-конференцијата беа присутни и дел од членовите на стручната комисија која ги избираше делата, како и дел од авторите чии дела ќе бидат откупени.

Испрати коментар

Scroll To Top