Насловна / Вести / Театарот за деца и младинци со реновиран и проширен простор во 2015

Театарот за деца и младинци со реновиран и проширен простор во 2015

teatar za deca so renoviran prostor
Театарот за деца и младинци од септември 2015-та ќе добие реновиран и проширен простор, најави денеска министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која беше во работна посета на оваа национална театарска установа за деца, објави МИА.

Се планира, салата за публика да биде поголема во должина и да се протега до крајниот дел од објектот. Ќе бидат реновирани и сцената, гардеробите и просториите за фундусот, театарското фоаје, административните простории и санитарните јазли. Идејниот проект се очекува до 10 јуни, за потоа да биде објавен тендер за избор на фирма која ќе го проектира просторот и фирма која ќе го реновира.

Директорот на театарот, Драган Довлев, истакна дека проширувањето ќе ги задоволи нивните потреби.

„Мислам дека проектот ќе биде одличен и дека во наредните пет до 15 години ќе немаме потреба за нешто плус. Се што вложивме за 24 години, на крајот се исплаќа. Многу ќе ни ја подобри работата, а децата, кои се нашата публика, заслужија подобри услови во кои ќе ги гледаат нашите претстави“, рече Довлев.

Се очекува Театарот за деца и младнци да добие и современа сценска опрема, во рамки на проектот за нова сценска технологија на македонските театри.

Овој театар постои 24 години, а во просторот што ќе се реновира работи 16 години. Просторот има 30-ина метри квадратни со 123 седишта во партер. Во изминатиот период ансамблот беше доекипиран со шест актери.

Театарот за деца и младинци е меѓу најнаградуваните професионални театари во Македонија: 36 меѓународни награди, девет гран-при за најдобра претстава. Годишно изведува околу 200 претстави и е посетен од околу 20.000 гледачи.

Најнова претстава на театарот е „Нашиот клас“ за деца над 14 години, по текст на Тадеуш Слобоѓанек и во режија на Владимир Милчин, која премиерно беше изведена минатата недела.

Испрати коментар

Scroll To Top