Насловна / Архитектура / Свечена церемонија на доделување на „Признанието Инженерски прстен“ 2025

Свечена церемонија на доделување на „Признанието Инженерски прстен“ 2025

На 3 септември 2025, со почеток во 11:00 часот, на платото пред црквата „Св. Климент и Пантелејмон“ – Плаошник, во Охрид, се одржа свечената церемонија на доделување на престижното признание „Инженерски прстен“ за 2025.
Оваа престижна награда традиционално им се доделува на најдобрите дипломирани студенти од инженерските факултети во Македонија. Манифестацијата се одржува по 22-ри пат и претставува симбол на континуитет, извонредност и професионална посветеност во областа на инженерството. Настанот се реализира во организација на Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, а под покровителство на Претседателот на државата.
Во рамките на свеченоста, со пригоден говор се обрати Претседателот на Инженерската институција на Македонија, г. Андреј Лепавцов, кој во своето излагање нагласи: „Овој ден не е само формалност – тој е симбол на посветеност, на стручност, на интелектуална зрелост и непоколеблива волја. Тој претставува доказ дека трудот и упорноста секогаш водат до резултати. Денес не одбележуваме само лични успеси, туку го славиме потенцијалот што овие млади инженери го носат за иднината на нашата држава и пошироко.“ „Пред нас се најдобрите од најдобрите – дипломирани инженери кои се истакнале не само со академски успех, туку и со својот карактер, иновациски дух и решителност. Примањето на Инженерскиот прстен не претставува само чест, туку и обврска – да се дејствува со интегритет, да се поставуваат стандарди и да се применуваат знаењата во корист на општеството.“
Потоа збор зема Претседателката на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, која меѓу другото потенцираше:
“Инженерството е уметност на практичното чудо.”
Вашата улога е клучна – да создавате, да градите и да ја обликувате иднината. Иако доаѓате од различни области, заедно сте двигатели на напредокот. Не заборавајте – зад секој проект стојат луѓе и нивните животи. Честитки за денес – и храбро напред кон утрешните предизвици!
Следуваше говорот на Претседателката на Македонија – Гордана Силјановска Давкова:
„ Почитувани присутни, Почитувани и сакани лауреати,
Чинам дека нема подобар простор за промоција на најдоброто во инженерството од овој, на кој никнал Климентовиот универзитет. Причината лежи во фактот дека нашите цркви имаат традиција на црковно-училишни општини. Замислете град со 365 цркви, значи, со 365 училишни општини. Затоа мислам дека час поскоро, треба да се догради Универзитетот на Плаошник. Прстенот не е само украс, туку значи врзување за нешто многу важно. Тој значи верност, значи посветеност, значи љубов. Сигурна сум дека овој прстен значи многу во вашиот, ама и во нашиот живот.
Кога прифатив да бидам покровителка на една ваква манифестација, како што е Инженерскиот прстен, почувствував голема чест. Да се доделуваат прстени на најуспешните студенти од инженерските дисциплини, не е само сатисфакција и надомест за вашиот труд, за младите инженери, ниту само е потстрек за продолжување по патот на науката и понатамошно усовршување, туку тој чин, мене барем, ми значи потсетување на човечкиот потенцијал кој го имаме, а нема повредно нешто од него, само не секогаш сме свесни за тоа. Ние сме должни да создадеме дополнителни услови за ваше напредување, се разбира, дома, не случајно се раѓаме некаде. Само една татковина секој има, вели Бернард Шо, каде и да одите, се враќате на крајот. За среќа денеска со дигитализацијата и со вештачката интелигенција, можете да бидете истовремено и тука. Одете, натпреварувајте се, докажувајте се, ама враќајте се. Беспредметно е за мене да се зборува за значењето на инженерските професии бидејќи вие не само што ја обликувате сегашноста туку, на сите ни е јасно дека ќе ја обликувате и иднината. Вие сте тие кои го движите светот, а ние, државата, образовните, научните институции, бизнис-заедницата, граѓанските организации, сме должни да помогнеме да го реализирате она што го поседувате, највредното, знаењето.
Сакам да кажам збор, два и за самото списание „Инженерство“, и не само за него, туку и за посветеноста на Инженерската институција на Македонија. Да, досега вие бевте ветар, некогаш посилен, некогаш поблаг, ама секогаш дувавте во грбот на македонското инженерство. Вие сте своевидно инженерско огледало, инженерски гласник, просветител научен. Затоа ве охрабрувам и понатаму да соберете под тој прекрасен чадор повеќе инженерски здруженија, да продолжите да придонесувате за развојот на инженерството, преку вложување, не само во знаењето, туку, како што веќе рековте, во интегритетот, во професионалноста, во знаењето, во дигнитетот, во моралот, во етиката.
Јас ве уверувам дека во мене и во мојот Кабинет имате искрен поддржувач и партнер, а верувам дека е така и со сите други релевантни институции. Вам сакам да ви посакам да продолжите самите да ги следите соништата, ама и да си ги реализирате идеите, визиите, секогаш да знаете дека тоа што доаѓате од навидум мала земја, воопшто не значи дека не може да имате големи идеи. Тоа се докажало многу пати. Вие аплицирате и имате европско образовно досие, вие сте идејните творци и двигатели на модерниот европски и светски технолошки свет, вие сте идните технолошки лидери. Образованието и науката воопшто не се само професорска, истражувачка и студентска обврска. Нивниот обем, квалитет и домет се резултанта на содејството меѓу образованието, науката, политиката и општеството. Затоа нам ни треба координирана, одговорна и развојна образовна политика. Не е можно да ги задржиме најдобрите и најперспективните без соодветна, пред сѐ, реформирана финансиска политика, пријателска кон најдобрите и почитувачка кон најдобриот квалитет.
Koпенхагенските критериуми, односно европските стандарди, мора да најдат место и примена во финансирањето на високообразовните и научните институции. Ние мора да исчекориме на релевантните високообразовни листи, каде што нè нема, наместо да паѓаме, преку преиспитување, односно реакредитација и реевалуација на образовната мрежа. Мора да се концентрираме на неутрален, објективен пристап, заснован на докази и факти, а не на еднопартиска позадина што продуцира образовна и научна мимикрија наместо валидно образование и наука.
Нам ни требаат европски критериуми за градење на академска кариера. Интензивна регионална и европска научна соработка, интеграција во европската истражувачка сфера и афирмација на меѓународниот образовен и научен пазар. Мора да го следиме успешниот модел на соседите. И како индивидуалци и како заедница, јас мислам дека веруваме, јас барем верувам во вашите знаења, вештини, креативност. Убедена сум дека не ви недостасуваат хуманизам, благородност и патриотизам. Создавајте модерен, напреден, но, пред сѐ, морален и поумен свет. ИТ-индустријата, континуирано цвета и расте. За среќа, расте и нејзината популарност кај младите и тоа ме радува. За да имаме дигитална иднина, нам ни треба стратегија како да ве задржиме вас, дигиталната младина тука дома – прстенот не е доволен. Или, како да бидеме во постојан контакт интегрирајќи ве како постојан сегмент на општествениот развој.
Мора похрабро да ја зголемиме поддршката на научните истражувања. Мора да ја осовремениме научната инфраструктура, односно лабораториската опрема, да го олесниме пристапот кон базата на податоци, да ги стимулираме фундаменталните истражувања. Научното истражување мора да биде секогаш поддржано со сигурни финансии. Нашите научници од дијаспората можат да бидат подвижен мост кон светската наука, затоа тие ќе добијат заслужено место во Советот за дијаспора, што набргу ќе се конституира. Убедена сум, штом моите студенти многу се импресионираа од социјалутопистите и ги прашував зошто: Велат дека не само што биле богати луѓе, туку биле и многу умни, акцентот го ставале на науката, ама и на етиката и на моралот. Се откажувале од богатствата за да создадат градови на сонцето, фаланги… тоа е таа морална димензија.
Затоа мене многу ме бендисува ставот на Сен Симон, кога вели дека клучот за прогресот и за развојот е науката и дека без 10 кралеве или цареве, па светот можеби не би станал многу полош, ама без 10 научници сериозно би го почувствувал тоа. Дури и во Платоновата идеална држава управувањето се врзуваше за филозофите, за знаењето, за способноста, за мудроста. Понатаму, имаше дури и ставови според кои Исак Њутн беше рамен на еден светец, а се зборуваше за научна религија, толку веруваа луѓето во науката. И јас посакувам меритократија покрај демократијата. Посакувам особено меритократија во администрацијата зашто таа некогаш ги носи клучните одлуки. Посакувам меритократија во дејностите од општ интерес. Посакувам конкурс за сите позиции. Посакувам транспарентна постапка на избор, посакувам одговорност. Цврсто верувам дека само учени луѓе може да разберат и да поддржат наука и научници како вас –носители на драгоцени инженерски прстени. Чувајте ги.
Благодарам.“
По свечените обраќања, беа врачени Инженерските прстени на 14 најуспешни дипломирани студенти од македонските инженерски факултети. Добитници на ова највисоко признание за 2025 година се:
• Фросина Станковска, Архитектонски факултет, Универзитет “Св. Кирил и Методиј” во Скопје
• Марко Ѓорѓиоски, Градежен факултет, Универзитет “Св. Кирил и Методиј” во Скопје
• Харитина Сакова, Машински факултет, Универзитет “Св. Кирил и Методиј” во Скопје
• Васка Зарковска, Технолошко-металуршки факултет, Универзитет “Св. Кирил и Методиј” во Скопје
• Рената Павлеска, Факултет за електротехника и информациски технологии, Универзитет “Св. Кирил и Методиј” во Скопје
• Сара Ацковска, Факултет за земјоделски науки и храна, Универзитет “Св. Кирил и Методиј” во Скопје
• Димитар Пешевски, Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство, Универзитет “Св. Кирил и Методиј” во Скопје
• Кирил Христовски, Природно-математички факултет, Универзитет “Св. Кирил и Методиј” во Скопје
• Теа Костадинова, Факултет за дизајн и технологија на мебел и ентериер, Универзитет “Св. Кирил и Методиј” во Скопје
• Катерина Стојкоска, Технички факултет, Универзитет “Св. Климент Охридски” во Битола
• Софи Гајтановска, Факултет за информатички и комуникациски технологии, Универзитет “Св. Климент Охридски” во Битола
• Сара Панева, Факултет за природни и технички науки, Универзитет “Гоце Делчев” во Штип
• Бојана Тасева, Факултет за информатика, Универзитет “Гоце Делчев” во Штип
• Гзим Дервиши, Факултет за применети науки, Државен Универзитет во Тетово
Во име на сите добитници, со говор полн со благодарност се обрати Харитина Сакова, која ги истакна важноста на поддршката, вложениот труд и инспирацијата која ја црпат од своите ментори, професори и семејства.
Церемонијата заврши во достоинствена и свечена атмосфера, облеана со чувство на академска гордост, оптимизам и визионерски стремеж кон понатамошен развој на инженерската професија како клучен фактор во унапредувањето на општеството.

Испрати коментар

Scroll To Top