Насловна / Архитектура / Студентскиот дом „Гоце Делчев“ во мизерни услови

Студентскиот дом „Гоце Делчев“ во мизерни услови

  Застарена електрична инсталација, ѕидови кои полека се распаѓаат, доводни и одводни цевки кои протекуваат, кородирани радијатори за парно греење, лифтови кои не работат, дупки по подовите и плафон кој може секој момент да ти се руши врз глава. Ова се само неколку од епитетите што го опишуваат студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје. Илјада и двеста студенти „преживуваат“ во неподносливи услови кои им се однапред предодредени.

Studentski dom Goce_6

 Студетскиот дом „Гоце Делчев“, кој некогаш претставувал најрепрезентативно живеалиште за студентите од цела Македонија, сега е во очајна состојба. Со самото пречекорување на прагот од кој и да било од четирите блока, ве чекаат мрачни ходници во кои може да се почувствува провев од скршените прозорци и врати. Насекаде има испишани имиња и исцртани слики дополнети со дупки. Честа е појавата и на ронење на ѕидовите, што настанува како последица од влагата создадена од напукнатите водоводни цевки. Лифтовите ретко се пуштени во употреба, меѓутоа ако случајно пред вас се најде лифт кој работи, вие сте „добитник“ на небезбедно возење.

  Во санитарните чворови постојат нечовечки услови. Бактериите и неподносливата миризба можат да бидат причина за болести. Често се случува во некој од блоковите да нема топла вода, па студентите се приморани да се тушираат во соседниот блок. Студентите се жалат на ентериерот во собите, кој се рангира под нулата. Прозорци кои не се отвораат, кревети со стари душеци кои не се воопшто удобни и недостигот на мебел за сместување на сите потребни работи се проблем. Единствена светла точка е парното греење и топлите радијатори, но со оглед на фактот што има провев од скршените прозорци, овој ефект се губи.

Studentski dom Goce_1Studentski dom Goce_2Studentski dom Goce_3Studentski dom Goce_7Studentski dom Goce_8

  Целосната слика на студентскиот дом „Гоце Делчев“ станува сè подепресивна, а драматизацијата ја дополнуваат и бездомниците што се движат во овој предел. Скриени помеѓу огромната бетонска градба, со кеси наполнети од контејнерите во близина, си наоѓаат складно засолниште.

  По сите овие очигледни докази за условите што ги нуди овој дом, се наметнува прашањето дали некој воопшто се грижи за ова недостојно место за живеење на млади луѓе? Каде се принципите на професионалната одговорност? Студентскиот дом „Гоце Делчев“ полека пропаѓа, а никој не презема ништо во врска со тоа.

Во продолжение линк од разговор со студент кој престојува во домот
–   http://www.mkd.mk/84116/makedonija/skopje/pust-da-ostane-zhivotot-studentski#1   –
и линкови од галерии со фотографии од истиот.
–   http://imgur.com/gallery/VKnTn   –
–   https://www.porta3.mk/studentski-dom-goce-delchev-galerija/   –

Испрати коментар

Scroll To Top