Насловна / Вести / Старото кино во Кисела Вода прераснува во модерен Дом на културата

Старото кино во Кисела Вода прераснува во модерен Дом на културата

nov dom na kultura vo kisela voda_3_resize
Старото кино во скопската населба Кисела Вода ќе се реконструира и адаптира во нов, мултифункционален објект.
Како што најавија денеска министерката за култура Елизабета Канческа Милевска и градоначалничката на општина Кисела Вода Билјана Беличанец Алексиќ, граѓаните ќе добијат Дом на културата кој ќе се користи како театар со 144 седишта и надграден дел кај сцената во висина од четири метри, што е потребно за функционирање на една театарска сцена. Исто така, вкупната површина на салата од 315 квадратни метри ќе може да се користи и како киносала. Просторот ќе има и библиотека, уметнички клуб, кафетерија со галерија, административни канцеларии, како и простории за месната заедница со посебен влез.

nov dom na kultura vo kisela voda_2_resize
Реконструкцијата ќе се реализира со средства од државниот и буџетот на локалната самоуправа.
„Кисела Вода е една од најстарите општини. Граѓаните заслужуваат да имаат совршен објект со мултикултурна функција и добра културна понуда во интерес на збогатувањето на културниот живот“, истакна Канческа Милевска на прес-конференција.
„За да се погледне театарска претстава, концерт, изложба, најново филмско остварување, нема да има потреба да се патува до централното градско подрачје, уметноста ќе биде на дофат. На уметниците, пак, ќе им понудиме современи услови за творење и уметничко изразување, амбиент за нивен личен професионален развој“, подвлече Беличанец Алексиќ.

nov dom na kultura vo kisela voda_1_resize
Според неа, некогашното кино има одлична местоположба. Се наоѓа во срцето на општина Кисела Вода и преку постојната улична мрежа е одлично поврзано со центарот на градот. Располага со површина од околу 950 метри квадратни.
Предвидено е новиот Дом на културата да биде енергетски ефикасен објект со модерна надворешност. Фасадата ќе биде од композитни алуминиумски панели во три бои, црвена, темно и светлосива. Надворешниот простор ќе биде холтикултурно уреден, а за посетителите ќе бидат обезбедени и паркинг-места.
Како што рече градоначалничката, планирана е изградба и на целосно нова атмосферска канализациска мрежа.

Испрати коментар

Scroll To Top