На прв поглед, овој стан во Берлин изгледа како простор каде што треба да се зборува потивко и да се оди повнимателно.
Брановидните ѕидови, скулптура над трпезариската маса, неон на ѕидот, интензивните бои и режираните кадри лесно наведуваат на помислaта дека сме во галерија или приватен музеј.

Сепак, зад овој многу уметнички впечаток стои семеен дом, сместен во историска станбена зграда во Берлин од период околу 1900 година.
Проектот го потпишува бирото J. MAYER H, кое го гледало станот како простор каде што старата структура, современиот начин на живот и уметноста можат да се комбинираат како секојдневен дел од ентериерот.

Стан како современ просторен колаж
Зградата во која се наоѓа станот во времето на нејзината изградба претставувала интересен пример за иновативно домување.
За разлика од стандардизираните типологии што го обележиле тој период, секој стан во неа имал индивидуален план, што му давало на објектот посебен карактер.

Во текот на повеќе од еден век, ентериерот претрпел бројни промени, па затоа неговата оригинална состојба е речиси целосно изгубена.
Токму затоа студиото J. MAYER H. не се обидело да го реконструира минатото, туку пристапило кон просторот како нов слој во долгиот живот на овој стан.
„Некогаш одделните простории се поврзани со нови отвори и претворени во проточна просторна низа“, наведуваат авторите на проектот.

Брановидни дрвени ѕидови и таван од глина
Првиот чекор во трансформацијата бил отстранување на сите неносечки ѕидови и ниски врати. Со ова се ослободи новата основа на станот, отворена и флуидна, во која просторот повеќе не се чита како низа затворени соби.

Во рамките на така формираната единица, студиото воведува брановидни ѕидови направени од профилирани дрвени шипки. Тие формираат помали зони за складирање, приватност и повлекување, но во исто време одржуваат чувство на континуитет низ целиот стан.

Таванот, направен во брановидна форма и завршен со глинест малтер, има посебна улога, бидејќи придонесува за внатрешната атмосфера и акустиката, што е особено важно во отворен стан со многу поврзани зони.
Зачувани историски траги
Иако новиот ентериер е многу мсовремен, авторите внимателно го ослушнувале постоечкиот објект. Разиграната композиција на фасадата е преведена во јазикот на ентериерот преку обли површини, органски линии и посебно обликувани елементи на мебел.
Одредени историски фрагменти се зачувани и вклучени во новото решение. Меѓу нив е и засводениот лак, кој сега функционира како потсетник на поранешниот живот на станот.

Жолта кујна, зелена маса и сина дневна соба
Просторот е креиран како кореографија од бои, мебел и различни начини на користење. Веќе на влезот се наоѓа жолта кујна, чија боја се однесува на кујната во манастирот La Tourette, едно од познатите дела на Ле Корбизје.

Во продолжение се отвора социјалната зона на станот, каде што централното место го зазема маса во форма на лист изработена во светло зелена нијанса во комбинација со розови столчиња.
Кујната, трпезаријата и просторот за одмор се поврзани без јасни граници, додека над модуларната трпезариска маса виси скулптура од уметникот Björn Dahlem.

Приватните соби ја продолжуваат приказната преку боја
Колоритот продолжува и во приватните соби, но во малку поинаков ритам. Спалните соби се дизајнирани во тонови на мов зелена и петролеј сина, додека бањите се изведени во нијанси на жалфија, тиркизна и интензивна розова.

Таваните, радијаторите и рамките на прозорците ги следат истите тонови, па целиот стан добива заокружен хроматски состав во кој секој детаљ учествува во атмосферата.

Кога домот добива карактер на галерија
Станот во Берлин потпишан од студиото J. MAYER H. покажува како еден историски простор може да добие сосема ново значење, без да ги избрише трагите од минатото.

Салонот во станот во Берлин има портокалова софа, жолта врата и зелена светлосна зона зад отворот на прозорецот.
Наместо класична реставрација, тука е создаден ентериер кој воведува нови форми, силни бои и уметнички дела како рамноправни елементи на домувањето.

Резултатот е дом кој навистина може да нè излаже за момент и да нè натера да помислиме дека гледаме музеј. Разликата е во тоа што во овој „музеј“ се готви, се седи, се дружи, се одмара и се живее.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија