Истражувањата на пазарот на автомобили во Германија покажуваат јасен раст на трендот на купување на половни електрични автомобили. Пазарот на половни електрични автомобили евидентно станува се помоќен и подинамичен, тврдат од Фраунхофер институтот за истражување на системи и иновации (ISI). Пред 5 – 6 години, речиси и да немаше достапни половни електрични автомобили, но големиот број на новорегистрирани возила во 2020 и 2021 година, веќе сега доведува до значително збогатување на понудата.

Слични податоци има и Германската Федерална управа за моторен транспорт. Во првите четири месеци од оваа година, речиси 120.000 половни електрични возила ги промениле сопствениците ширум Германија, Тоа е речиси двојно повеќе отколку во истиот период во 2025 година и речиси три пати повеќе од првот квартал на 2024 година. Притоа не е зголемен само бројот на автомобили туку и разновидноста на моделите. Од компактни градски автомобили до високоперформансни модели од средна класа, со различен домет и солидни можности за полнење.

Типичниот контрааргумент дека овие возила се прескапи, главно ја губи силата преку податокот дека нивната цена е на ниво на соодветните возила со мотори со внатрешно согорување. Се разбира, неспорен е фактот дека новите електрични автомобили значително побрзо губат на вредноста во првите неколку години споредено со возилата со мотори со внатрешно согорување. Тоа го покажуваат и податоците на компанијата Deutsche Automobil-Treuhand (DAT). Според анализите, интересно е дека километражата не игра посебно значајна улога во цената, односно удвојувањето на годишната километража ја намалува цената за само 2%. Главната грижа при купувањето на електричните автомобили е состојбата на батеријата. Но, од Фраунхофер институтот велат дека модерните батериски системи се значително поиздржливи. Нивниот капацитет обично се намалува за само 1 до 2 процентни поени годишно.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија