Насловна / Вести / Современ Ургентен центар за деца

Современ Ургентен центар за деца

detski urgenten centar
Македонија доби Ургентен центар за деца. Сместен е на приземјето на Клиниката за детски болести. Така, Универзитетската клиника за детски болести во Скопје од денеска има специјализиран Детски ургентен центар. Целосно се реновирани и опремени шест специјалистички амбуланти, лабораторија и чекална.
Во овие простории ќе бидат примани итните случаи од целата земја. Во исто време може да бидат третирани шест пациенти. Амбулантите ќе ги покријат областите: неонатологија, кардиологија, хемато-онкологија, ендокринологија, гастроентерохепатологија и нефрологија.
Средствата за реконструкција и за адаптација на просториите во клиниката беа собрани преку националната донаторска кампања под мотото „Да помогнеме навреме“ под покровителство на сопругата на претседателот на Република Македонија, Маја Иванова. Ургентниот центар е изграден со поддршка на Турската меѓународна агенција за соработка и развој „ТИКА“, а дополнителните донации ќе се искористат за доопремување на Ургентниот центар и новите амбуланти.
Мехмет Суреја Ер, потпретседател на Турската меѓународна агенција за соработка и развој „ТИКА“, рече дека работите за адаптација и реконструкција кои се одвивале од нивна страна биле комплетирани за само 60-ина дена.

detski urgenten centar_resize
Министерот за здравство Никола Тодоров изјави дека Детската клиника мора да биде целосно опремена, да одговори на сите најсовремени предизвици во медицината.
Директорката на Клиниката, Аспазија Софијанова изразувајќи задоволство од отворањето на Детскиот ургентен центар рече дека иницијативата тој да се направи на почетокот била само една скромна замисла која ја поддржале и надградиле нејзините најблиски соработници и советници.
Турскиот амбасадор Ѓурол Сокменсуер им посака здрава иднина на децата од Клиниката и укажа на подготвеноста на Република Турција секогаш да ја поддржи, како што рече, пријателска и братска Република Македонија.
Целата инвестиција за Детскиот ургентен центар чини околу 250.000 евра.

Испрати коментар

Scroll To Top