Насловна / Архитектура / Смиљан Радиќ Кларке добитник на Прицкер: Aрхитектура која останува усогласена со емоционалната присутност и тивката интелигенција

Смиљан Радиќ Кларке добитник на Прицкер: Aрхитектура која останува усогласена со емоционалната присутност и тивката интелигенција

Со мало задоцнување во однос на претходно највеното, во четвртокот на 12 март 2026 година чилеанскиот архитект Смиљан Радиќ Кларке беше прогласен за добитник на Прицкеровата награда за архитектура за 2026 година. Со ова тој стана 55 добитник на оваа престижна светска награда во нејзината 47-годишна историја, втор чилеански добитник по Алехандро Аравена во 2016 година, и петти добитник на наградата од Латинска Америка. Како и во изминатите години доделувањето на бронзениот медал и стипендијата од 100.000 американски долари ќе се одржи на свечена церемонија подоцна оваа година.

Во официјалната биографија на Радиќ се вели дека слоевите на неговиот живот создаваат дисконтинуирана историја оформена од преселби, отвореност и постепена изградба на значење, како и на неговата архитектура. Тој е роден во Сантјаго, Чиле, во семејство на имигранти. Родителите на неговиот татко биле по потекло од островот Брач во Хрватска, а неговата мајка од Обединетото Кралство на Велика Британиија и Северна Ирска. Како резултат на ова Радиќ израснал со зголемена свест за припадност преку која прифатил дела животот е нешто што понекогаш се гради, но не и наследува. Според Радиќ, „Понекогаш, ти треба да создадеш свои корени. Ова ти ја дава слободата.“

Серпентин павилјон во Лондон

ПАТУВАЊЕТО НАЈЗНАЧАЈНО ОБРАЗОВАНИЕ

Патеката на Радиќ кон архитектурата постепено се појавила преку серија на искуства, сомнежи и откривања. Поголемиот дел од своето детство Радиќ го поминал цртајќи, а првиот контакт со архитектурата се случил на 14-годишна возраст кога наставникот по уметност му дал домашна задача да проектира зграда. Тој студирал архитектура на Понитифиција универсидад Католика де Чиле каде немал успех во првиот обид на завршниот испит пред да дипломира во 1989 година. Ова искуство се покажало како исклучително формативно, затоа што го натерало да студира историја на Иституто универсарио ди архитетура ди Венезиа и значително да патува, искуство за кое тој смета дека било неговото најзначајно образование. Погледите надвор од конвенционалната дефиниција на неговата дисциплина, филозофијата, уметноста, и алузиите кон митското и литерарните референци биле внесени во неговите визуелни согледувања како и во неговите форми.

Ресторан Местизо (Сантјаго, Чиле, 2006)

За време на студиите, тој се запознал со скулпторката Марчела Кореа, која подоцна станала прво негов клиент, а подоцна и негова сопруга. Во 1995 година во Сантјаго, Чиле, тој го основал своето проектантско биро Смиљан Радиќ Кларк кое намерно останува интимно по големина. Радиќ и Кореа заедно ја проектирале првата нејзина куќа, Каса Чика во Виличес, Чиле, во 1997 година. Тие истата зграда од 24 метри квадратни заедно лично ја изградиле во планините на Андите. Иако тие соработуваат повремено, тие на дневна основа одржуваат дијалог и разменуваат идеи.

СÈ ШТО НАМ НИ Е ПОТРЕБНО Е ЗАШТИТА

Личните околности и континуираните истражувања влијаеле на тоа Радиќ да го преиспита оградувањето како состојба на отпор, грижа и тивка отпорност. Според него „Постои комплексност во оградувањето (enclosure): засолниште кое обезбедува дистанцирање од реалноста, додека прибежиштето те поттикнува да се чувствуваш како животот во него да е уникатен. Но сè што нам ни е потребно е заштита – место на стабилност за да ја прифатиме кревкоста“. Оваа тензија помеѓу засолништето и прибежиштето, заштитата и интроспекцијата, го отсликува неговото искуство за изградба на стабилност во отсуство на фиксни корени.

Присм хаус (Конгиљо, Чиле, 2020)

Со текот на времето, овие интереси се прошириле преку големината и типологиите, и опфаќаат градски и културни институции, комерцијални објекти, приватни станбени објекти и времени градби. Радиќ со Кореа во 2010 година ја создале инсталацијата „Дете сокриено во риба“ од гранит и кедарово дрво за влезот на 12-тата Меѓународната изложба на архитектура на Венецијанското биенале за архитектура под кураторство на Сеџима Казујо, член на жирито и добитник на Прицкеровата нагада во 2010 година. Инсталацијата ги засолнува човечките фигури во рамките на маса, одразувајќи го ова внимание на телесниот и емоционалниот регистар.

Радиќ бил селектиран да го проектира 14-тиот Серпентин павилјон во Лондон во 2014 година, градба од транслуцентна школка од фиберглас која се држи на носиви камења создавајќи времено прибежиште кое ниту е наполно затворено, ниту пак отворено транспарентно. Неговото творештво сугерира архитектура која останува усогласена со емоционалната присутност и тивката интелигенција на градбата.

Серпентин павилјон во Лондон, 2014 година

АРХИТЕКТУРА КАКО КОЛЕКТИВНА ПРАКСА КОЈА КОНТИНУИРАНО СЕ РАЗВИВА

Во 2017 година Радиќ ја основал Фундацион де аркитектура фрагил сместена во рамките на неговото домашо биро во Сантјаго, а со определба да ја поддржува експерименталната архитектура која ги предизвикува границите на дисциплината. Преку изложби, работилници и споделени истражувања, фондацијата го отсликува неговото верување во архитектурата како колективна пракса која континуирано се развива. Фондацијата е замислена и како платформа за јавна размена и како работна архива. Колекцијата на фондацијата се состои од експериментални творби, студии и референти примери од други архитекти, и создава истражувачка база која честопати ги информира неговите проекти. Творбите на другите стануваат уште еден слој низ кој архитектурата континуирано еволуира.

Куќата Пите (Папудо, Чиле, 2005)

СЕКОЈ ПРОЕКТ ПРОИЗЛЕГУВА ОД СВОИТЕ СПЕЦИФИЧНИ СОСТОЈБИ

Радиќ го одбива повторливиот архитеконски јазик. Оттука, кон секој проект се приоѓа како кон поединечно истражување, базирано на основните приниципи и информирано од неконтинуирана историја. Контекстот, намената и антрополшката свесност земаат предност. Локацијата е разбрана не само преку своите физички карактеристики, туку како конвергенција на историјата, социјалната пракса и политичките околности.

Низ неговото творештво, локациски специфичните стратегии се појавуваат во различни форми, овозможувајќи секој објект да произлезе од своите специфични состојби наместо од признаена формула. Зградите можат да бидат делумно вкопани во теренот наместо да бидат положени врз него. Ваков е случајот со Ресторанот Местизо (Сантјаго, Чиле, 2006), ориентиран така што овозможува засолниште од доминантните ветрови или од интензивното светло како во Куќата Пите (Папудо, Чиле, 2005), или обликувано преку адаптивна преупотреба наместо замена како во Чиле Антес де Чиле, доградбата на Чилеанскиот музеј на претколумбовската уметност (Сантјаго, Чиле, 2013).

Куќата Пите (Папудо, Чиле, 2005)

Архитектурата на Радиќ ја открива својата темелност не преку формални тврдења, туку преку дисциплината на конструкцијата. Неговите творби често изгледаат скромни или елементарни, но токму овој впечаток го сокрива прецизното инженерство и конструкција. Материјалите како бетон, камен, дрво и стакло се применети во намерни меѓусебни односи за да создадат тежина, светло, звук и оградување. Во рамките на Серпентин павилјонот (Лондон, 2014), транслуцентна школка од фиберглас стои на огромни локално дробени камења. Светлото е филтрирано наместо да биде прикажано и оградувањето останува делумно за да им овозможи на посетителите да го почувствуваат засолништето без целосна сепарација од  паркот кој опкружува. Во Театро регионал дел Биобио (Консептион, Чиле, 2018), внимателно проектирана делумно транслусента обвивка го модулира светлото и го поддржува акустичното однесување преку одмереност. Конструкцијата станува вид на прикажување на приказни, каде текстурата и масата даваат толку смисла како и формата.

Театро регионал дел Биобио, Консептион, Чиле, 2018

Неговото творештво е одбележено со тивка емоционална интелигенција, информирана од емпатија за човечкото искуство и калибрирана да оформи како архитектурата се чувствува со текот на времето. Неговите објекти се чувствуваат заштитени, фокусирани кон внатре и внимателни кон човечката кревкост. Куќата за поемата за правиот агол (Вилчес, Чиле, 2013) одбележува место за контемплативно повлекување, преку внимателно поставени отвори, ориентирани нагоре за да ги фатат светлото и времето, промовирајќи мирување и интроспекција.

Куќата за поемата за правиот агол (Вилчес, Чиле, 2013)

НЕГОВОТО ДОМАШНО БИРО

Во неговото домашно биро, Пекењо едифицио Бургес (Сантјаго, Чиле, 2023), објектот обебедува засолниште и приватност додека одржува широки односи со градот подолу. Од објектот, жителите имаат поглед на урбаниот пејзаж долу, додека однадвор, внатрешноста останува скриена зад  завеси од ланци. Ѕидовите од единично стакло го покануваат дождот, звукот и променливото светло во просторот, дозволувајќи дневните временски прилики да се почувствуваат исто колку и што се гледаат. Долу, подземно студио зазема потивок простор, затоа што истите ѕидови се ублажени од ѕидови од набиена земја коишто го филтрираат светлото, даваат погледи кон природата и создаваат заштитена средина за работа.

Интервенциите не се ниту реставрација, ниту замена, туку намерна пресметка за сразмерот и употребата.

Куќата за поемата за правиот агол (Вилчес, Чиле, 2013)

Во НАВЕ (Сантјаго, 2015), Радиќ преуредува историски, оштетен од природна катастрофа, станбен објект од раниот 20 век, при што ја зачувува посточеката конструкција додека вметнува нови волумени посветени за отворени изведби, проби и простори за работилници. Горе, кровната тераса завршена со циркуски шатор внесува неочекувана леснотија и атмосфера на привремена прослава, која се користи за настани на заедницата, а којашто е во контраст со втемелената интимност подолу. Претходните слоеви остануваат видливи, а преку нив адаптацијата се третира како континуитет наместо како компромис.

НАВЕ, Сантјаго, 2015

Развиена низ период од повеќе од три децении, праксата на Радиќ опфаќа културни институции, јавни простори, деловни објекти, приватни куќи и инсталации низ Албанија, Австрија, Чиле, Хрватска, Франција, Италија, Шпанија, Швајцарија и Обединетото Кралство. Како дополителни творби коишто го дефинирале неговиот творечки опус се сметаат и Гуатеро за 22-рото Биенале на чилеанската архитектура (Сантјаго, Чиле, 2023), Лондонската скај бабл (Лондон, 2021), Чанчера хаус (Пуерто Октај, Чиле, 2020). Присм хаус (Конгиљо, Чиле, 2020), Вик Милахју вајнери (Милахју, Чиле, 2013) и ЦР-хаус (Сантјаго, Чиле, 2003).

Лондонската скај бабл (Лондон, 2021)

НАГРАДИ И ИЗЛОЖБИ

Творештвото на Радиќ е меѓународно признато преку бројни признанија, меѓу кои се: Најдобар архитект под 35 години од Колегио де аркитектос де Чиле (Чиле, 2001), Архитекчурал рекорд дизајн вангард наградата (САД, 2008), Орис наградата (Хрватска, 2015), Аролд В. Брунер меморијалната награда на Американската академија за уметности и литература (САД, 2018) и Големата награда на Панамериканското биенале на архитектурата во Кито (Еквадор, 2022). Тој е почесен член на Американскиот институт на архитекти (од 2009) и Почесен заслужен член на Хрватската академија на науки и уметности (од 2020).

Вик Милахју вајнери (Милахју, Чиле, 2013)

Архитектурата на Радиќ била прикажана и на значаји меѓународни изложби, како што се оние во Галеријата Ма (Токио, 2010), Музејот на современа уметност (Хирошима, 2012), Хермес галеријата (Токио, 2013 со Кореа), Кунстхаус Бергенц (Австрија, 2013), ТОТО Галеријата Ма (Токио 2016), Музејот на современа уметност (Њујорк, 2015-2016) и 22-рото Биенале на архитектурата и урбанизмот во Чиле (Сантјаго, Чиле, 2023).

Гуатеро за 22-рото Биенале на чилеанската архитектура (Сантјаго, Чиле, 2023)

Според Радиќ, „Архитектурата постои помеѓу големите, масивни и трајни форми – градби коишто стојат под сонцето со векови чекајќи некој да ги посети – и помалите кревки градби – минливи како животот на мувата, честопати без јасна судбина под вообичаеното светло. Во рамките на оваа тензија помеѓу диспаритетните времиња ние се обидуваме да создадеме искуство коешто носи емоционална присутност, која ги поттикнува луѓето да запрат и да го преиспитаат светот којшто честопати поминува покрај нив со рамнодушност.“

Вик Милахју вајнери (Милахју, Чиле, 2013)

ГО ПРАВИ НЕОЧИГЛЕДНОТО ОЧИГЛЕДНО

Жирито за Прицкеровата награда за 2026 година, меѓу другото вели, Преку опус на творештво позиционирано на крстопатот од неизвесност, експериментирање со материјали и културна меморија, Смиљан Радиќ дава предност на кревкоста наспроти кои било неосновани тврдења за извесност. Неговите објекти изгледаат времени, нестабилни или намерно незавршени – дури до точка на исчезнување – но и покрај ова тие овозможуваат структурирано, оптимистичко и тивко радосно засолниште, прифаќаки ја повредливоста како неразвојна состојба на животното искуство.“

Серпентин павилјон во Лондон, 2014 година

За претседателот на Жирито и добитник на Прицкеровата награда за 2016 година Алехандро Аравена: „Во секоја творба, тој е спосоебен да одговори со радикална оргиналност, правејќи го неочигледното очигледно. Тој се враќа наназад кон основните, ненамаливи темели на архитектурата, истражувајќи ги во исто време границите коишто сè уште не се допрени. Развиен во контекстот на незаборавни околности, од крајот на светот, со пракса од само неколку соработници, тој е способен да ни го донесе највнатрешното јадро на изградената средина и човечката состојба.“

Радиќ продолжува да живее и работи во својот роден град Санјтаго, Чиле, одржувајќи меѓународно интимна пракса во која архитектурата останува лична, внимателна и длабоко почувствувана со претстојни проекти во Албанија, Шпанија, Швајцарија и Обединетото Кралство.

Гуатеро изложбен павилјон (Сантјаго, Чиле, 2023)

Вик Милахју вајнери (Милахју, Чиле, 2013)

Куќата за поемата за правиот агол (Вилчес, Чиле, 2013)

Испрати коментар

Scroll To Top