Насловна / Арт и дизајн / Скопска метаморфоза

Скопска метаморфоза

skopska-metamorfoza (4)Гледајќи го урбаниот развој на Скопје, ние студентите од последната година на Архитектонскиот факултет при УКИМ, дизајниравме инсталација во рамките на фестивалот за креативни уметности „Скопје креатива“ на платото пред Универзалната сала, а која го илустрира урбаниот развиток на скопските маала. Инсталацијата насловена како „Скопска метаморфоза“ се состои од три елементи кои ги репрезентираат три фази, започнувајќи од основиниот архетип, кој подоцна се трансформира во хибрид за на крај да резултира во архитектура без лик. Автори на проектот се Андреј Прошевски, Кристина Лозановска, Марио Баткоски, Крсто Богојевски, Александар Врангалоски, Ружица Крстева, Стефан Маџовски, Ана Младеновска Елеонора Поповска, Димитрис Росикопулос и Кирил Уневски.

Во првата фаза влегуваме во „куќа“ која со себе носи одредена архитектонска хармонија, опкружена е со градина и создава пријатна атмосфера. Патеката понатаму нѐ носи во наредната фаза каде што за почеток се „судираме“ со јака, несоодветна боја. Како што се движиме по патеката забележуваме дека габаритот на куќата е променет, се појавил додаток кој не се вклопува, кој е несоодветно изведен, кој ја нарушува хармоничната композиција. Градината во споредба со првата фаза е помала, посиромашна со растенија. Како што излегуваме од втората хибридна фаза, доаѓаме до крајот на патеката. Ова е местото од коешто можеме да ја видиме третата фаза од најмала далечина, но сепак до овој „објект“ не можеме да пристапиме, не можеме да го допреме. Тој проголтал сѐ. Без да обрне внимание ни на околината, ниту пак на квалитетите што би требало да ги добијат неговите корисници. Сѐ што е убаво и вредно, овој монструм од објект проголтал, заробил во себе. На крајот на патеката поставена е „клупа“, чиј дизајн е таков што кога некој седи на неа го врти грбот кон третата фаза. Патеката наложува движење кое нè води назад кон првата фаза.

skopska-metamorfoza (1)     Најголем дел од инсталацијата го изработивме со реискористување на материјали како старо железо, стари греди, палети, стар прозорец и друго. Дури и „подлогата“ што ја носи на себе инсталацијата е старата напуштена фонтана. Токму поради овие факти, инсталацијата суптилно пресува и една еколошка порака. Она што многумина го гледаа како ѓубре, кое само треба да се пренесе на ѓубриште и во себе нема никаков потенцијал, ние го искористивме за да создадеме архитектонско дело. Преку воспоставување директна релација помеѓу материјалите за изведба и нивното обликување, ние многу подобро го запознавме сопствениот дизајн.

Дел од деталите што беа планирани во основниот проект, раката не ни дозволи да ги спроведеме во реалност. Но сепак, архитектурата мора да биде реална, па така проектот ги доби своите вистински детали при самата изведба. Процесот на создавање на оваа инсталација во себе ги содржи сите фази потребни за изработка на еден архитектонски изведбен проект. Тргнувајќи од концепт, преку идеен и основен проект, за на крај да резултира во реализација. Ова за нас како студенти претставуваше одличен начин да го искусиме овој процес со кој треба да се соочуваме секојдневно во нашата понатамошна професионална кариера.

skopska-metamorfoza (2)

Кристина Лозановска, Андреј Прошевски

(студенти на Архитектонски факултет при УКИМ, Скопје)

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top