Насловна / Вести / Скандал во Јапонија – деценија фалсификување под најопасната електрана во земјата

Скандал во Јапонија – деценија фалсификување под најопасната електрана во земјата

Приватната компанија „Чубу“, со седиште во градот Нагоја, веќе десет години систематски ги фалсификувала резултатите од сеизмичките мерења извршени во нуклеарната централа Хамаока, и околу електраната, објавуваат јапонските медиуми.

„Фризирањето“ на податоците добиени од истражувањата за структурата на почвата, тектонските потреси и движењата на земјиштето под и околу централата, која се наоѓа во подрачје за кое сеизмолозите предвидуваат дека во блиска иднина ќе претрпи катастрофален земјотрес со јачина повеќе од седум степени според Рихтеровата скала, рутински се вршело во периодот од фискалната 2012 до фискалната 2021 година.

Типичен пример за фалсификување била подготовката на извештајот за безбедност во кој се наведувале просечните вредности добиени со мерење на јачината на сеизмичките бранови како единствени постоечки и целосно се игнорирале оние со најголема јачина, опасни за работата на централата.

Со тоа, сакале да ги убедат властите дека електраната е безбедна, што би овозможило побрзо рестартирање на реакторот, но и да заштедат пари потребни за зајакнување на сеизмичката отпорност на централата.

Раководството на компанијата, објавува јапонскиот тиражен весник „Асахи“, ги игнорирало предупредувањата од своите вработени дека податоците не ја одразуваат реалноста, а резултатите од мерењата биле манипулирани над сто пати, вклучувајќи 80 пати за само една година во 2018-2019 година.

Нуклеарната централа „Хамаока“ се наоѓа на брегот на Тихиот Океан во префектурата Шизуока, недалеку од градот Хамамацу, и не работи веќе 15 години, бидејќи, по нуклеарната несреќа во Фукушима, била запрена поради загриженост дека би можела да биде следната критична точка за јапонската држава поради фактот што е изградена на растресита почва.

Нејзината изградба започнала во 1971 година, а првиот реактор е приклучен на електричната мрежа во 1976 година. Првите два реактори се пензионирани, но компанијата „Чубу“ имала намера да продолжи да ги користи трите најнови и најмоќни од вкупно петте реактори и за таа цел поднела барање до властите за нивно повторно вклучување уште во 2014 и 2015 година. Инаку, ги снабдува со електрична енергија префектурите Аичи и Мији, како и делови од префектурите Гифу, Нагано и Шизуока, и во својот состав има само една нуклеарна централа – проблематичната електрана Хамаока.

Заслуга на свиркач

Јапонската јавност првпат беше информирана за фалсификувањето на податоците во одделот за нуклеарна енергија на овој производител и дистрибутер на електрична енергија во јануари оваа година, но извештајот во кој компанијата ги признава своите прекршоци беше доставен до државата на 31 март, а јапонските медиуми со загриженост дискутираат што тоа значи за физичката безбедност на граѓаните и енергетската безбедност на земјата.

Медиумите на островската земја пишуваат дека државните власти одговорни за следење на нуклеарните постројки 2023 година, ја процениле тектонската динамика околу централата како генерално погодна за нејзино работење, врз основа на лажни податоци, но дека минатата година добиле дојава од вработен во нуклеарната централа дека таму се фалсификуваат сеизмичките мерења.

Во последниве години, Јапонија постепено ги рестартира реакторите што беа исклучени во 2011 година по нуклеарната несреќа во Фукушима 1, што доведе до топење на горивото во јадрата на реакторите и излевање на поголемо количество радијација по цунамито предизвикано од земјотресот.

Моментално работат 15 реактори, кои обезбедуваат девет отсто од потребите на земјата за електрична енергија. Пред катастрофата во Фукушима, Јапонија добиваше дури 30 отсто од својата електрична енергија од нуклеарни централи.

Прашањето за рестартирање на нуклеарните реактори кои престанаа да работат по инцидентот во Фукушима сега е во фокусот на интерес за стопанството и јавноста во Јапонија, поради опасноста од последиците од војната во Персискиот Залив – со тоа уште поголемо е разочарувањето поради скандалот поврзан со фалсификувањето на податоците во нуклеарната централа Хамаока.

Испрати коментар

Scroll To Top