Насловна / Арт и дизајн / Саем на современа уметност – Паратисима во МКЦ, Скопје

Саем на современа уметност – Паратисима во МКЦ, Скопје

ОФИЦИЈАЛЕН_ПОСТЕР_ПАРАТИСИМА

Граѓанското здружение за промоција и поддршка на културата Континео 2020, во соработка со партнерската организација YLDA (Young People for Local Development Association) од Торино, Италија, го најавуваат одржувањето на првиот саем за современа уметност – Паратисима Скопје, којшто ќе се одржи од 13 до 15 јуни, во просториите на Младинскиот културен центар, Скопје, со наслов „Поврзувања”.

Организаторите известуваат дека од 9 мај до 1 јуни е отворен јавниот повик за пријавување и учество на настанот Паратисима. Од утре (6 мај) заинтересираните уметници ќе можат да го најдат повикот на официјалниот веб сајт на Паратисима (http://paratissima.it) и профилите на Паратисима на социјалните мрежи.

За учество на саемот не постои пред-селекција, право на учество имаат сите заинтересирани автори – независно од форматот во кој се изразуваат. Форматот на Паратисима е едноставен: заедно со уметниците што сакаат да учествуваат и да ја поддржат иницијативата, се реализира настан кој им дава видливост на уметничките дела и ја поддржува нивната промоција. Паратисима е наменета за сите, но таа особено се стреми кон поддржување и промоција на млади, не етаблирани автори, но истовремено презентира и афирмирани уметници на коишто им нуди нов контекст и простор за соработка во динамична и енергична средина. За посета на настаните нема да се наплаќа билет. Учесниците и нивните дела ќе бидат соодветно распоредени во просториите на Младинскиот културен центар со помош на фестивалскиот уметнички директор и куратор.

На секој автор му е овозможена комплетна автономност при изборот на делото и техниката.

Паратисима дава можност на сите автори да бидат прикажани без претходна селекција, но на крајот на настанот ќе бидат селектирани 10-ина автори кои ќе имаат шанса да ги прикажат своите дела на Паратисима во Торино, во ноември 2014 година.

Паратисима Скопје е реализирана со институционална поддршка од Град Торино, торинската Стопанска Комора, Младинскиот Културен Центар и Град Скопје.

Испрати коментар

Scroll To Top