Насловна / Арт и дизајн / Рига и Умеа – европски престолнини на културата за 2014

Рига и Умеа – европски престолнини на културата за 2014

rsz_umea
Шведскиот град Умеа и главниот град на Летонија – Рига ја делат титулата „Европска престолнина на културата“ за 2014 година. Во 2013 година европски културни престолнини беа францускиот град Марсеј и словачкиот Кошице.
Рига, главниот град на Летонија, е клучен индустриски, трговски, финансиски и културен центар во балтичкиот регион. Градот, кој е впишан на листата на светско културно наследство на УНЕСКО, е познат по градбите во стилот арт – нуво и по дрвената архитектура. Друга негова одлика е мултикултурата бидејќи низ историјата таму живееле Германци, Полјаци, Руси, Швеѓани, Финци и други народи.
Умеа, пак, се наоѓа 600 км северно од Стокхолм и е најсеверен град кој досега бил домаќин на културата на стариот континент. Познат е по природата и по контрастите. Таму на лето сонцето грее речиси 24 часа на ден, а во зима е познат по т.н. северна светлина. Умеа е најголем и универзитетски град во северна Шведска, а се зборува на над 50 јазици во големиот број клубови кои претставуваат култури од цел свет.
За изборот „Европска престолнина на културата“ решава независна меѓународна комисија во Брисел, а одлуката се донесува четири години однапред. Неа ја разгледува и Европскиот парламент, а ја изгласува Советот на ЕУ. Во 2015 престолнини на културата на Европа ќе бидат Монс (Белгија) и Плзен (Чешка), во 2016 – Сан Себастијан (Шпанија) и Вроцлав (Полска), во 2017 – Орхус (Данска) и Пафос (Кипар).

Испрати коментар

Scroll To Top