Лидерот во проектирање спортски објекти, бирото Populous, го заврши стадионот „Принц Мулеј Абдела“ во Рабат, главниот град на Мароко, во рекордно време – објектот со 68.700 места е проекитиран и изграден за само 24 месеци.
Стадионот комбинира параметарска LED фасада и „чинија“ фокусиран на навивачите. Покрај тоа, локацијата покрај зелениот појас на градот, под еукалиптуси, симболично го поврзува стадионот со урбаниот и природниот пејзаж на Рабат.

Златната фасада на стадионот е инспирирана од познатите палми што ги красат градските булевари, како и од мароканската занаетчиска традиција. Составена е од 19.200 алуминиумски триаголници со различни димензии, обвиткани со 70 километри LED ленти, а на зајдисонце се претвора во светлечки спектакл.
Меѓународен тим архитекти и проектанти од Populous, биро основано во 2009 година, ја обликуваше „чинијата“ на стадионот „Принц Мулеј Абдела“ за максимално да ја користи и истакне енергијата на публиката.

Јужната трибина „Коп“, со две нивоа и конзолно исфрлено горно ниво осум метри над долното, може да прими 23.000 навивачи и е една од најголемите континуирани навивачки трибини на континентот.
Оваа конфигурација ја трансформира енергијата на навивачите во моќен звучен ѕид што директно ја поврзува публиката со теренот. Западната и источната трибина комбинираат луксузни ложи и елитни седишта, формирајќи U-форма околу теренот.

Проектирање и изградба за само 24 месеци
Проектантската стратегијата на Populous била изразито колаборативна, ангажирајќи тимови од повеќе канцеларии за да се изработи детална проектна документација, целосно усогласена со локалните градежни процеси кои ги водела компанијата Société Générale des Travaux du Maroc.

Оваа интеграција овозможила рекордно брз период на проектирање и изградба од само 24 месеци, што е исклучително ретко за стадиони од ваков обем, објасниле архитектите.
Со параметарска фасада, акустично подесена „чинија“ и одлична поврзаност со градот, стадионот ги исполнува стандардите на ФИФА и е подготвен да биде домаќин на натпревари до полуфиналето на Светското првенство во фудбал 2030 година. Пред тоа, стадионот „Принц Мулеј Абдела“ ќе биде домаќин и на церемонијата на отворањето, полуфиналето и финалето на Африканскиот куп на нации (AFCON) 2025 година.

Покрај организирање на фудбалски натпревари, има и функција на јавен простор, платото пред стадионот е поврзано со новата железничка станица и урбаната инфраструктура, цврсто вградувајќи го стадионот во поширокото урбано ткиво на Рабат и поттикнувајќи го користењето на јавниот превоз.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија