Насловна / Архитектура / Проширување на куќа во Сао Паоло ја враќа во она што би била доколку беше замислена денес

Проширување на куќа во Сао Паоло ја враќа во она што би била доколку беше замислена денес

Бразилското биро Studio MK27 реновирало и проширило куќа проектирана од нивниот партнер основач во раните 2000-ти, која се одликува со бели површини и огромни прозорци што се отвораат кон градината.

Проектот, наречен Gama Issa V2.0 house, вклучувал додавање на нов правоаголен волумен на двокатна куќа изградена во 2001 година во Сао Паоло. Оригиналниот дом е проектиран од архитектот Marcio Kogan, кој оформил истоимено биро во 1970-тите и ја преименувал својата фирма во Studio MK27 во 2001 година.

Со вкупна површина од околу 700 квадратни метри, куќата се одликува со бели површини, формални композиции и силна врска помеѓу ентериерот и екстериерот. Проектот привлекол меѓународно внимание и е номиниран за Светска награда за архитектура во 2002 година.

Сопствениците се брачен пар со две ќерки тинејџерки. Сопругата е уметнички директор, а сопругот работи во рекламирањето. Сакајќи да го прошират својот дом, клиентите ја купиле соседна парцела за да направат место за проширувањето.

„Семејството сакаше повеќе простор бидејќи оригиналната куќа не беше толку голема“, вели проектантскиот тим. „Двајцата сопственици напорно работат, па затоа сакаа поудобен простор.“

Со основа во облик на буквата L, двокатната доградба е поставена на јужната страна од куќата и е организирана околу централна оска и двор. Фасадите се обложени со дрво акоја, што ги разликува од постојните бели бетонски ѕидови.

Доградбата ја зголемила куќата за 50 отсто. Долното ниво опфаќа студио, простор за живеење за персоналот, перална и простор за складирање. На горното ниво сместени се спални соби и мезанин со дневна соба. Катовите се поврзани со нови сиви спирални скали, заедно со скалите од постојната куќа.

Постоечките простори се обновени со разни детаљи, вклучувајќи нов декор и сиви дрвени подови. Централен дел од домот е дневна соба со двојна висина со лизгачки стаклени врати кои се протегаат 17 метри, овозможувајќи просторот да се спои со градината.

Тимот ги замени оригиналните врати со единечни стаклени панели, што „било невозможно да се направи во времето на оригиналната изградба“, велат.

Дневната соба има и монументална библиотека, полици за книги што се протегаат по должината на еден ѕид, и на приземјето и на горниот кат. Полиците се дел од оригиналниот проект на домот и се оставени недопрени.

„Полицата за книги служи како облога за надолжниот ѕид на дневната соба и исто така претставува визуелен прекин за две симетрични скалишта“, вели архитектот.

Генерално, проектот му дал можност на Kogan да го обнови домот што го создал пред речиси 20 години, во раните денови на Studio MK27.

Испрати коментар

Scroll To Top