Насловна / Вести / Проф. д-р Дарко Наков: Генерациска мисија за афирмација на македонското конструкторство

Проф. д-р Дарко Наков: Генерациска мисија за афирмација на македонското конструкторство

Овој пат посакавме да говориме на еден послободен и непосреден начин и да ја напуштиме понекогаш строгата и форма и конотација која самата инженерска професија ја наметнува. И да, ни беше излезено во пресрет. Повод беше 21. Симпозиум на ДГКМ кој годинава се одржа од 24 до 27 септември во Inex Olgica Hotel & Spa во Охрид, под наслов „Градежно конструкторство – без ограничувања“

Разговорот го водевме со претседателот на Друштвото на градежни конструктори на Македонија (ДГКМ), проф. др Дарко Наков.

Кажете ни за синергијата која е присутна во Друштвото, која е видлива и која открива длабока почит и традиција. Како е ова изградено низ генерациите и како успевате да го негувате речиси 50 години?

Синергијата навистина постои, и тоа меѓу сите генерации членови на ДГКM. Веројатно се должи на почитување на повозрасните и на доверба во помладите, која секогаш е возвратена. Секој претходно организиран настан заедно го анализираме, отворено го коментираме, ги запишуваме недостатоците и за следниот сме секогаш подобро подготвени. Она што особено нè радува е фактот што на нашите настани имаме учесници од 20 до 90 години. И уште поинтересно е што и едните и другите си заминуваат презадоволни од понудените содржини.

Во деновите од 24 до 27 септември бевме сведоци на уште еден тридневен успешен симпозиум. Најпрво, можете ли да ни ја претставите скриената страна, за којa ретко коментираме: армијата професори, асистенти, демонстратори, студенти кои стоеа зад целата логистика. Од каде таков ентузијазам, посебно кај генерацијата З во вашите редови?

Навистина станува збор за голем ангажман на поголем број луѓе кои несебично го вложуваат своето време во организација на еден ваков настан. Тешко се опишува со зборови. Тоа е чувство кое треба да се доживее. Координацијата и постојаната комуникација е неопходна за секој член на организациониот одбор да ја знае својата улога, но и да ја има пред себе големата слика за тоа како треба да изгледа целиот настан. Во однос на најмладите, морам да признаам дека внимателно ги селектираме. За жал, не можевме да ги ангажираме сите кои заслужуваат и кои сакаа да бидат дел од техничката служба.

Како и во 2023 година, имавте уште едно оригинално отворање на настанот. Уметнички перформанс, ВИ-модератор на настанот и синхронизација на говорите, автентична точка од двајца наши виртуози итн. Како се роди идејата?

Кога доволно долго размислувате и одреден период живеете само за тој настан, идеите сами надоаѓаат. Вообичаено најпрво ја дефинираме главната тема на следниот настан. Потоа го изработуваме логото на настанот кое на уметнички начин ја отсликува темата. Сè останато доаѓа само по себе. Целта е на своите колеги да им овозможиме неколку дена во кои ќе се оддалечат од здодевното секојдневие, од работните обврски, ќе се сретнат со колегите од факултет со кои студирале, со колегите од останатите компании или со професорите од кои учеле. Голем број учесници овие претходни настани ги окарактеризираа како празник на професијата, па соодветно на тоа, и ние се трудиме да им овозможиме уникатни искуства.

Кажете ни сега малку за статистиката за Симпозиумите низ годините и некои интересни податоци на кои сте веројатно горди?

Првиот симпозиум е одржан во 1977 година со презентирани домашни 12 трудови. На последниот симпозиум беа презентирани 143 стручни и научни трудови со околу 50 отсто застапеност на странски и 50 отсто на домашни трудови. Радува фактот што ДГКМ, освен на домашната сцена е сè попопуларно и на меѓународната сцена. Овој впечаток ни го пренесуваат учесниците и компаниите од странство кои постојано учествуваат на вакви настани низ светот, но го истакнуваат фактот дека она што ние го правиме овде е навистина уникатно и посебно. Замислете, имаме учесници од Канада, САД, Индија, Египет, Либија, како и од цела Европа. Одредени учесници патуваат неколку дена за да бидат неколку дена на Симпозиумите на ДГКМ.

На самото отворање имаше обраќање на деканот на Градежниот факултет кој е во улога на коорганизатор, неколку почесни гости, еминентни професори и гости од дома и странство?

Самиот чин на свеченото отворање е еден од најважните моменти на нашите симпозиуми. Во рамки на оваа церемонија ги сумираме двете години кои изминале од претходниот симпозиум, ги воведуваме учесниците на настанот во главната тема и даваме можност да се обратат дел од домашните коорганизатори и поддржувачи како и дел од гостите од странство. Сето тоа збогатено со неколку аудио и визуелни перфоманси му дава посебно значење уште на почеток на секој од настаните.

Ја постигнавте ли целта? Имаше ли квалитетни трудови и предизвикаа ли интерес и дискусии кај присутните? 

Мислам дека постигнавме и повеќе од она што го замисливме. Еден од предусловите да имаме добар симпозиум беа повиканите предавачи, кои беа внимателно избрани да опфатат разни теми кои во моментов се актуелни во светски рамки. Можеби звучи нескромно, но на ДГКМ21, имавме предавачи кои и по квалитет и по квантитет ги надминаа некои од светските конференции. Се развија и интересни дискусии на тркалезната маса, но и на дел од сесиите.

БЕЗ ОГРАНИЧУВАЊА – сакаме да слушнеме ваш личен став и мислење за иднината на градежното конструкторство? Каде се движи светското, а каде македонското конструкторство?

Неслучајно беше избрана темата Градежно конструкторство – без ограничувања. Целта беше да ги прикажеме светските трендови на домашната стручна јавност. Како и во останатите области, модерните трендови кај нас пристигнуваат малку подоцна, но токму ваквите настани се прилика да се поместиме од точката на стагнација, да се замислиме и да преземеме чекори за да фатиме чекор со поразвиениот дел од светот.

Дали сметате дека помладите генерации инженери се доволно застапени на ДГКМ, но и на останатите симпозиуми? Дали опстојува интересот за научната мисла, истражување, презентирање и трансфер на знаење?

Нашето друштво води грижа за помладите генерации и на тој начин го одржува континуитетот. На овој настан учествуваа 70 млади инженери до 30-годишна возраст. За нив нудиме 50 отсто попуст за учество на нашите настани, трошок кој го покриваме со спонзорства. Исто така, на четири млади истражувачи од Градежен факултет и од ИЗИИС им го покриваме членството во IABSE, овозможувајќи им пристап до светска литература и можност да бидат во тек со светските настани од областа на градежното конструкторство.

1976 е годината на формирање на Друштвото и следува јубилејна година, ве молиме накратко за историјатот.

ДГКМ е формирано во 1976 година. Прв претседател на ДГКМ бил проф. д-р Александар Ангелов-Цане (1976-1984), а по него со Друштвото раководеле уште и м-р Цветан Таневски-Цони (1984-1990), проф. д-р Санде Атанасовски (1990-1994), проф. д-р Тихомир Николовски (1994-2001), Томе Тромбев (2001-2009), проф. д-р Горан Марковски (2009-2013) и проф. д-р Мери Цветковска (2013-2022). Од 2022 година,  претседател на ДГКМ е проф. д-р Дарко Наков.

Првиот симпозиум е организиран во 1977 година, со само 12 домашни трудови. Вториот симпозиум со 20 трудови е организиран во 1982 година, а третиот со 29 трудови во 1986 година. По четвртиот симпозиум во 1991 година, на кој се презентирани  43 трудови, сите следни се организираат на секои две години. По неколкуте успешно одржани симпозиуми, во 1989 година на ДГКМ му е доделена Повелба за најдобра републичка организација во рамките на Сојузот на инженери и техничари на тогашната држава Југославија. Со тоа само го потврдува своето место меѓу градежните инженери, како и меѓународниот карактер. Веќе од 1993 година, бројот на вкупно објавени научни и стручни трудови редовно надминува 100, со значителен број трудови, од околу 50 отсто од автори од други земји.

Изразено низ спортски речник, ДГКМ како да работи во стилот на Швеѓанецот Арман Дуплантис, кој не застанува пред своите рекорди. Летвичката секој следен пат е подигната повисоко. Охридски автентичен бисер како подарок за секој учесник. Што е следно, што можеме да очекуваме? Ако во 2023 година од Симпозиумот во Скопје го ветивте преубавиот Охрид, знаеме ли што ќе биде следно?

Навистина интересна констатација, но доколку го погледнете одговорот на претходното прашање ќе забележите дека ДГКМ била најдобра организација уште во 1989 година. Она што нам ни преостанува е само да ја надградуваме и усовршуваме претходно воспоставената традиција, освежена со нови идеи и во тек со модерните светски трендови. Охридскиот бисер, како и оригиналните дизајнерски и специјално изработени торби за овој симпозиум беа начин да се поддржат домашните компании и домашното производство на бисери на фамилиите кои сè уште го произведуваат.

А на прашањето што е следно, останува најпрво да ги сумираме впечатоците од ДГКМ21, и веќе во наредните неколку месеци да започнеме со организација, најпрво на 50-годишниот јубилеј, кој ќе го одбележиме во 2026 година, а истовремено започнуваме да размислуваме и на ДГКМ22 во 2027 година.

Испрати коментар

Scroll To Top