Насловна / Арт и дизајн / Проектот „Ние сме сами во ова“ на Христина Ивановска и Јане Чаловски – македонски претставник на Венециско биенале на уметноста

Проектот „Ние сме сами во ова“ на Христина Ивановска и Јане Чаловски – македонски претставник на Венециско биенале на уметноста

jane venecisko

Концептот „Ние сме сами во ова“, дело на уметниците Христина Ивановска и Јане Чаловски, ќе ја претставува Македонија на 56-то Биенале на уметноста во Венеција кое ќе се одржи од 9 мај до 22 ноември годинава.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека овој интернационален настан е одлична можност за промоција и афирмација на македонската култура.
„Според мислењето на комисијата се работи за квалитетен и современо осмислен авторски проект, компатибилен со светските трендови на продукција. Проектот е содржински и ликовно високо изграден и е лесно читлив за стручната јавност и пошироката публика. Авторите Ивановска и Чаловски нудат сериозен уметнички квалитет и иновативност, јасен и актуелен концепт, техничка изводливост, комуникативност со публиката и стилско толкување на модерната и современата македонска уметност“, истакна Канческа-Милевска.
На конкурсот учествувале пет проекти од кои едногласно од комисијата било избрано делото „Ние сме сами во ова“ како македонски претставник.
Избраниот проект е вклопен и во темата на годинашното Венециско биенале, кое што го носи насловот „Сите иднини на светот“.
Маја Неделковска-Брзанова од Националната галерија на Македонија истакна дека станува збор за автори кои имаат завиден број на квалитетни уметнички остварувања како во Македонија, така и надвор. Куратори на проектот се Башак Шенова од Турција и Маја Чангуловска како претставник од Националната галерија на Македонија.
Христина Ивановска, авторка на проектот, истакна дека проектот за биеналето во Венеција ќе биде дополнително доработен и збогатен со дополнителни уметнички интервенции.
– „Ние сме сами во ова“ е мултидисциплинарен ликовен зафат кој ја тематизира претставата за вербата како емотивна и интелектуална состојба и своевидна современа социополитичка аномалија. Проектот е пред сè истражувачки и создаван во повеќе етапи и сè уште во процес на доосмислување, – истакна Ивановска.

Испрати коментар

Scroll To Top