Насловна / Вести / Продолжува рефасадирањето во „стилот“ на „Скопје 2014“

Продолжува рефасадирањето во „стилот“ на „Скопје 2014“

Градските власти продолжуваат со активностите за рефасадирање на зградите во центарот на градот, информира „Утрински“.

Пред некој ден одлучиле Жарко Чаушевски, најзастапениот автор во „Скопје 2014“, да изработи основни проекти за нови фасади на осум згради, меѓу нив за објектот на „ТЦЦ Плаза“, за седиштето на Лотарија на Македонија, на „Технометал“ и неколку други објекти што гравитираат во овој реон. Извесно е дека сите објекти ќе бидат во стилот на „Скопје 2014“.

За тој ангажман Чаушевски ќе добие хонорар од околу 70.000 евра и има обврска проектите да ги изработи за шест месеци.

Градот ја одбрал неговата архитектонска куќа „Архитектоника“ за изработка на проектите без да распише оглас, оти законски тоа е дозволено, во случај истиот да е и автор на идејните решенија.плоштад вмро

Менувањето на фасадите на посочените објекти, се очекува да почне напролет. „Објектите се со оштетени фасади, а кај некои од нив е потребна и санација на конструктивниот систем“, објаснија во неколку наврати од Градот, кои се причините за рефасадирање на објектите. Тврдеа дека стилизирањето го прават со согласност од станарите, во случај кога менуваат фасади на приватни, станбени згради.

Во овој реон, нов лик треба да добие и зградата на „Технометал“, на која освен столбови и релјефи ќе има и скулптури, а стилски ќе се рефасадира и објектот на Шпаркасе банка, во близина на хотел „Бристол“.

Инаку, за само една недела, Градот успеа да распише оглас за реконструкција на шест згради. Го објавија и договорот со градежната фирма за рефасадирање на неколку згради на Рекорд, а официјално започна и постапката за барокизација и на „Палома бјанка“.

Официјално, во буџетот на Град Скопје во ставката за реконструкција на фасади има наменето околу 5,7 милиони евра. Градоначалникот Коце Трајановски во неколку наврати тврдеше дека тоа, всушност, не се пари од градскиот буџет, туку најголем дел од тие средства се добиени наменски од Министерството за култура, а дел од парите дала и ќе дава Владата.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top