Насловна / Архитектура / Познати добитниците на годишната награда „Порта 3“ 2020

Познати добитниците на годишната награда „Порта 3“ 2020

„Порта 3“ секогаш се обидувала да биде во тек со современите случувања во областите со кои се занимава: архитектура, градежништво и екологија. Минатата година „Порта 3“ прослави 15 години од излегување на првиот број и сите овие години се труди да афирмира вистински вредности, да пофали, но и да критикува, и сè тоа објективно преку текстови на Редакцијата и соработниците. После 15 години, интензивно следејќи ги случувањата и активностите на колегите, Редакцијата одлучи да воспостави доделување на три награди во трите области со кои се занимаваме. Минатата година се додели наградата за прв пат, а доделувањето продолжува и оваа година.

Целта ни е сферата која ја покрива наградата да има поширок дијапазон. Тоа подразбира дека наградата може да се додели на поединци, тим, компанија, институција или општествена активност и ангажираност во доменот на проектирањето, изведувањето, публицистичката, истражувачката и научната дејност. Но, исто така сметаме дека е многу важно да имаме универзални критериуми за доделување на наградата со што достојно и стручно ќе се оддаде почит на она што претставува вистинска вредност, вреднување на професионален труд и благодарност до оние кои успеаја со својата работа, доследност и вештина да придонесат за квалитетот на професијата.

За наградата одлучуваше петчлено жири во кое членуваа архитекти, екологист и градежен инженер.

Plaketa Porta 3.cdr

Критериуми за доделување на наградите

Креативен, стручен и интелектуален пристап на архитектурата, градежништвото и екологијата. Квалитетни објекти кои се значајна и впечатлива архитектура, создадени со квалитетни функционални решенија, урбанистички соодветно поставени кои се вклопуваат во околината и придонесуваат за нејзино унапредување, современо архитектонско обликување постигнато со првостепена пластика, комплексни градежни и еколошки зафати и интервенции. Достигнувања во дизајнот, технички и технолошки достигнувања во трите области. Социјална и општествена одговорност во планирањето на просторот – урбанизам, одржливост на околината, амбиентот, научни студии и анализи, ефекти во животната средина, културен идентитет, висок професинален морал.

Комисијата за доделување годишна награда „Порта 3“ од областа архитектура, екологија и градежништво 2020 година работеше во состав:

1. Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ, дипл. инж. арх. – главен и одговорен уредник на „Порта 3“

2. Вања Дончева-Рајатоска, дипл. инж. арх. – претседател на Издавачкиот совет на „Порта 3“

3. Натка Ќосева, дипл. инж. арх. – соработник на „Порта 3“

4. д-р Даниела Младеновска – соработник на „Порта 3“

5. доц. д-р Златко Зафировски, дипл. град. инж. – член на Издавачкиот совет на „Порта 3“

Наградата за архитектура ПОРТА 3 2020 година се доделува на архитект Никола Ѓорѓиевски

DSC_0927_resize

Никола Ѓорѓиевски (1992) е архитект, пејзажен архитект и урбанист. Дипломирал и магистрирал на Архитектонскиот факултет во Скопје – УКИМ (2015), а понатаму магистрирал и во областа на пејзажната архитектура во Осло, Норвешка, при државната архитектонска школа „АHO – The Oslo School of Architecture and Design“ отсек „Landscape Urbanism“ (2018). Дел од своите студии ги поминал во Глазгов, Шкотска (2016), при Школата за уметности „The Glasgow School of Art“ (GSA), како и во соработка со холандската Техничка школа „TU Delft“ (2014). Моментално работи како истражувач на Архитектонската школа во Орхус, Данска на Катедрата за територии, архитектура и трансформации, како и на Катедрата за одржлива архитектура. Претходно работел како архитект и урбанист во UNDP – Скопје, во секторот за климатски промени, каде заедно со национални и интернационални експерти, го сработува новиот прирачник за интегрирање на климатските промени во просторниот план на Македонија, во директна соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Работел и како истражувач на Институтот за урбанизам и пејзаж на Факултетот во Осло, на проектот „La Fabbrica della Biennale“ со чиј тим го освоил првото место на конкурсот за проширување на Венециското биенале (2018). На Архитектонскиот факултет во Скопје работел како надворешен стручен соработник на интегративните студија „Обрасци на раст“, како и на Катедрата за општествени згради (2018/2019). Учествувал како тутор и куратор на Летната школа за архитектура и филм во Копенхаген, Данска (2019), како и на детските работилници „Модерна за деца“ во соработка со Плоштад слобода (2019). Тој е автор и коавтор на повеќе архитектонски текстови и публикации како „Дворови-градини-објекти“, „Обрасци на раст: Ослободување на просторот“ и „Неприродни екологии“. Како дел од тим архитекти добитник е на интернационални награди и признанија од областа на архитектонското проектирање, првонаградениот труд за Мултифункционалната сала во Бања Лука, Б и Х (2020) и третонаградениот труд за новата зграда на ансамблот за народни игри и песни во Белград, Србија (2019).

Наградата му се доделува како меѓународно активен архитект во повеќе сфери за неговиот активизам, ангажираност и делување во повеќе полиња на архитектурата, за неговото учество во меѓународен тим архитекти на повеќе меѓународни конкурси и освојување на награди на истите од кои една и победничка.

Се надеваме дека оваа награда е потврда на вистинскиот пат кој го избрал и поттик за еден мошне млад архитект да продолжи понатаму и да остане доследен во вербата и заложбата за квалитетна архитектура.

Наградата за градежништво ПОРТА 3 2020 година се доделува на градежен инженер Виктор Митевски.

20201222_093954_resize

Виктор Митевски (1983) со години наназад работи како инженер во ГД Гранит а.д. Скопје, а од минатата година е и помошник директор на Секторот за оператива. Во својата професионална кариера работел на проектирање и изведба на објекти и автопатишта, како во земјата така и во странство.

Својата професионална кариера ја започнува како инженер на објекти, а потоа и раководител на градба на објекти. Позначајни објекти на кои работел како инженер се: Државен архив, Уставен Суд на Република Македонија и Археолочки музеј во Скопје, како раководител работел на објектите Агенција за електронски комуникации и Јавна администрација и Факултет за Драмски уметности, Скопје.

Работи и на проектирање и изведба на автопатишта. Бил раководител на делница Бжеско – Вјешхославице на автопатот А4, Краков – Лвов, Полска, раководител на бетонски работи и објекти на автопат Бања Лука – Добој, делница Прњавор – Добој и технички директор на делницата Бања Лука – Прњавор. Во моментов е директор на проектот, автопат Блаце – I Делница.

Наградата за екологија ПОРТА 3 2020 година се доделува на Горјан Јовановски, автор на апликацијата „Мој воздух“.

Gorjan2_resize

Здруженијата, кампањите, проектите и поединците кои оствариле значајни резултати во областа на екологијата и кои жирито ги зема предвид за Годишната награда на Порта 3 во категоријата екологија, се вреднуваа врз основа на следните критериуми: влијание врз подигање на еколошката свест, влијание врз креирањето политики кои влијаат врз екологијата (директно и/или индиректно), меѓународна афирмација на локални и/или национални еколошки проблеми.

Имајќи го сето тоа предвид одлучено е оваа година наградата да ја добие Горјан Јовановски (роден во 1993 година), софтверски инженер, кој стои зад апликацијата AirCare, позната како „Мој воздух“, која информира за загадувањето на воздухот во 39 земји на 8 јазици. На Јовановски наградата му се доделува за долгогодишното сеопфатно и сериозно работење на подигањето на еколошката свест. Во 2014 година, тој ја создаде мобилната апликација AirCare, која користи отворени податоци за визуализирање на загадувањето на воздухот, а податоците кои таа ги покажува предизвикаа протести на национално ниво во Северна Македонија од страна на граѓаните кои бараат локалните власти да преземат посериозни активности против ова прашање. Од оваа година, Горјан целосно се фокусира на AirCare, ребрендираната верзија на МојВоздух, со цел освојување нови пазари и помагаѓе на граѓани во високо загадени држави низ светот.

На крајот на оваа година Горјан Јовановски ја доби наградата Европски млад иноватор, а AirCare-Air Quality App е еден од победниците на WSA Global на 2020 во категоријата Животна средина и зелена енергија!

Поради состојбата со пандемијата, наградите на добитниците ќе им бидат врачени по новогодишните празници, на начин кој ќе биде најсоодветен во зависност од ситуацијата со Ковид 19.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top