Насловна / Вести / Потпишан Меморандум за соработка и разбирање помеѓу Комората на друштва за геодетски работи на РМ и Асоцијацијата на геодети на Косово

Потпишан Меморандум за соработка и разбирање помеѓу Комората на друштва за геодетски работи на РМ и Асоцијацијата на геодети на Косово

После долгогодишна комуникација помеѓу Комората на трговски друштва за геодетски работи и Асоцијацијата на геодети на Р.Косово, во текот на вчерашниот ден 11.12.2025 година на свечен чин во хотелот Емералд во Приштина, беше потпишан Меморандум за соработка и разбирање помеѓу Комората на трговски друштва за геодетски работи и Асоцијацијата на геодети на Р.Косово.

Меморандумот за соработка го потпишаа м-р Никола Рибароски, Претседател на Комората на трговски друштва за геодетски работи и Мурат Хоџа, Претседател на Косовската асоцијација на геодети.

Врз основа на официјализираната соработка и потпишаниот Mеморандум за разбирање, Комората очекува поттик за вмрежување на геодетски стручни лица и геодетски компании заради заеднички настап за реализација на различни проекти на пазарите на Р. Косово и Р.С.Македонија.

„Преку овој меморандум, во план се и едукативни активности преку организирање стручни состаноци, консултации, семинари како и заеднички проекти за членките на двете интитуции заради меѓусебна размена на информации и искуства како и користење на најдобрите практики во работењето. Како и сите други претходно потпишани меморандуми за соработка со разни домашни и меѓународни институции, Комората  и преку овој меморандум ќе инсистира на конкретни чекори со кои ќе биде остварена договорената соработка.Со задоволство можеме да објавиме дека веќе е договорено за првиот квартал на 2026 година во Скопје да биде одржана првата еднодневна конференција за приватните геодетски компании од Македонија и од Косово со единствена цел меѓусебно директно запознавање и непосредно вмрежување. Комората ваквото вмрежување на компаниите од двете земји го гледа како голем потенцијал за своите членки со посебен акцент на неколкуте круцијални проекти од оваа област, коишто се спровдуваат на територијата на Р. Косово, каков што е на пример, проектот на Светска Банка – ‘Реконструкција на Катастарот во Р. Косово’ и уште неколку значајни проекти” истакна претседателот на Комората, Рибароски.

„Ова е момент кој означува можност за почеток на посуштинска соработка помеѓу нашите две земји во градењето на професионални, управувачки и организациски капацитети. Согласно овој меморандум, заеднички приоритети ќе бидат соработката и координацијата во бизнис проектите, но и соработка во делот на едукацијата и комуникацијата помеѓу нашите две организации. Би сакал да искажам благодарност кон Претседателот на Комората на лиценцирани геодетски компании од Република Македонија, г-дин Никола Рибароски, со кој повеќтрајните разговори околу можностите за наша меѓусебна соработка, денес ги официјализиравме преку потпишување на овој Меморандум за соработка”, изјави претседателот на Косовската асоцијација, Мурат Хоџа.

На овој начин, Комората на лиценцирани геодетски компании го продолжува веќе започнатиот тренд на градење мостови на пријателства и разбирање преку соработка и размена на искуства со сите сродни институции дома и во странство, со единствена цел јакнење на капацитетите, напредокот и развивањето на своите членки,  но и генерално, унапредување и развој на геодетската дејност и геодетската струка.

Испрати коментар

Scroll To Top