Португалија најави создавање на најголемото заштитено морско подрачје во Eвропа, односно креирање на нов резерват, кој ќе штити 2.677 километри квадратни околу островите Селвагенс, архипелаг во северниот Атлантик, на половина пат помеѓу Канарските острови и Мадеира. Новиот резерват ги проширува постоечките заштити поставени за морските птици и се приближува до зацртаната цел за заштита на 30% од копното и водите во 2030 година.


Pristine Seas е проект за подводно истражување основан од National Geographic Explorer, со кој се поттикнува заштитата на единствените морски екосистеми преку експедиции кои го документираат нивниот неверојатен биодиверзитет. Во последните 12 години, проектот обиколил 31 локација, од кои 24 се веќе заштитени. Новите заштитени подрачја сега покриваат површина од над шест милиони квадратни километри, што е површина двојно поголема од територијата на Индија.

Приказната за тоа како островите Селвагенс се нашле на оваа листа под заштита, почнува во 1971 година, кога ова подрачје станало првиот класифициран резерват на природата во историјата на Португалија. Вулканските острови се главно ненаселени, но се дом за околу 1500 парови на каукали – најголемата светска колонија на овие птици на отвореното море. Истражувачите откриле дека овој простор е живеалиште за 51 вид риба. Пред да се воспостават поопсежни заштити, морскиот живот покрај островите бил загрозен и со илегален риболов, како и нерегулиран или лошо регулиран риболов на туна во близина на самиот резерват. Од организацијата Pristine Seas се надеваат дека одлуката на Португалија ќе ги поттикне другите европски земји да бидат поамбициозни во заштитата на своите води.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија