Насловна / Вести / Поголема контрола на увезените цемент и арматура и заштита на домашното производство

Поголема контрола на увезените цемент и арматура и заштита на домашното производство

Производителите на градежни материјали бараат поголема контрола на увезените цемент и арматура и заштита на домашното производство, изјави претседателот на Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали при Стопанска комора, Андреа Серафимовски.градежници

Тој додаде дека, неколку компании на свој трошок, го тестирале квалитетот на увезените градежни производи на случаен примерок и утврдиле дека, 50 отсто од испитаниот цемент не ги задоволува стандардите.

– Реагиравме до надлежните институции односно до Царинската управа, Пазарниот и Градежниот инспекторат и тој материјал беше тргнат од употреба. Штетата би била огромна,  имајќи го предвид обемот на работа. Најголем дел од овие цемент и арматура биле употребени во јавни институции, како училишта, каде што има голема фрекфенција на луѓе. Но, откако укажавме, мислиме дека контролата е поголема – изјави Серафимовски.

Тој додаде дека арматурата се увезува од Грција, Бугарија и Босна и Херцеговина, а цементот од Албанија и Турција. Според Серафимовски и покрај тоа што Македонија е извозник на цемент, овој материјал со помал квалитет се увезува во земјава поради пониската цена.

Статистички податоци покажуваат дека Македонија лани извезла цемент во вредност од 14,5 милиони долари, а увезла таков материјал во вредност од 16 милиони долари, претежно од Албанија за 8,5 милиони долари, а увозувала и од Бугарија, Грција и Турција.

Увозот на керамиди, пак, во минатата година, е во вредност од четири милиони долари, а извозот од 4,5 милиони долари. Лани се  увезени и керамички ѕидарски тули во вредност од пет милиони долари, најмногу од Србија во вредност од три милиони долари, а по милион долари од Албанија, Бугарија, Грција.

Серафимовски се осврна и на новиот Закон за градежни материјали и апелираше до компаниите да почнат да го имплементираат, бидејќи нема никакви финансиски импликации врз нивното работење, туку измените повеќе се однесуваат на постапката на пуштање на производите на пазар.

Доколку не го применуваат новиот Закон, тие од следната година нема да можат да учествуваат на тендери и да се пријавуваат на проекти.

Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали при Стопанска комора се залага за усвојување и поддржување на сертификатите за производите за извоз во регионот, бидејќи дополнителното испитување на квалитетот на домашните градежни производи на странските пазари, ги поскапува производите и поради тоа тие стануваат неконкурентни.

Испрати коментар

Scroll To Top