Насловна / Вести / Податоците покажуваат дека понудата на станови ја надминува побарувачката

Податоците покажуваат дека понудата на станови ја надминува побарувачката

Во првиот месец од годинава се издадени 307 одобренија за градба, што е за 62,4 отсто повеќе во однос на истиот месец од претходната година, покажуваат податоците на Заводот за статистика. Половина од одобренијата се за објекти од високоградба, 20 проценти се за нискоградба и 30 отсто за реконструкција. Предвидена вредност на објектите е над 4 милијарди денари, односно околу 65 милиони евра, што е за 68,1 проценти повeќе во однос на истиот месец од претходната година, јавува Радио Слободна Европа.
По региони, во Скопскиот се издадени најмногу одобренија и тоа 125, од нив 82 се за физички лица, а 43 деловни субјекти. Потоа следуваат Полошкиот регион, Југоисточниот, Вардарскиот, Југозападниот и Североисточниот со ист број на одобренија за градби по 24, па Источниот и на крај со најмалку одобренија е Пелагонискиот регион, со само 11 одобренија.

аеро1

Најмногу станови ќе се градат во Аеродром
Овие одобренија предвидуваат дека ќе се градат 810 станови на површина од над 60 илјади метри квадратни. Од овие 810 станови, најмногу, односно 646 се за скопските општини. Од скопските општини најмногу станови ќе се градат во Аеродром и тоа 335, потоа е Кисела Вода со 258. Во Аеродром најмногу ќе се градат двособни и трособни станови, а и по некој четворособен. Во Кисела Вода, пак, ќе се градат најмногу двособни, но издадени се и одобренија за станови кои имаат и по осум или повеќе соби. За градби во Центар се издадени 10 одобренија за станови.
По регион втор на листата по предвиден број на станови е Југоисточниот со 61 одобрение, од кои 59 се во Струмица. Потоа ќе се градат 39 станови во Штип итн.
Порта 3 во изминативе години пишуваше за урбаниот и сообраќајниот хаос кој се создава со ДУП-овите. Особено со она што се случува во Општина Аеродром.
Податоците, пак, покажуваат дека понудата на станови ја надминува побарувачката и тоа за двојно, односно има повеќе од 5000 непродадени станови, а се градат двојно повеќе. Најголема побарувачка на станови има во општините Центар, Карпош и Аеродром, каде цената на квадратот е околу 1000 евра. Во другите градови, пак, становите се продаваат по драстично пониски цени за квадратен метар, додаваат од Радио Слободна Европа.

аеро
Вицепремиерот, Кочо Анѓушев, пред една недела од позиција на стопанственик порача граѓаните да инвестираат во недвижнини, затоа што, како што рече за неколку години, ќе им се зголеми вредноста.
„Сакам да им порачам на сите што имате намера да инвестирате, направете го тоа сега. Ви зборувам како стопанственик, како човек, кој се обидува да ги види работите три чекори напред, праксата покажала дека во многу наврати сум ги видел, не секогаш најдобро, многу пати човек грешки. Но она што сега го гледам е дека квадрат стан, квадрат деловен простор во Софија, Букурешт, Будимпешта, пред десетина години кошташе 800 до 1000 евра, денеска кошта 2.500 до 3.000 евра. Тоа ќе се случи и во Република Северна Македонија. Градете, инвестирајте! Се што ќе направите во овие следни години, после неколку години ќе има вредност пута два, пута три. Тоа не можете да го направите на друг начин“, но заборава да каже дека урбанизмот е тој што го предвидува квалитетниот развој на градовите, а тоа не значи секогаш и секаде само градење. Најголем дел од нашите ДУП-ови покажуваат недоследности, лоши решенија по сите нивоа, односно не постои планирање, постои само борба за што повеќе квадрати и како последивца на тоа се счучи мораториумот во Општина Центар, Уставен суд поништи некои од ДУП-овите во Општина Карпош, а резултатот од изграденото е воглавном хаос.

Испрати коментар

Scroll To Top