Од денеска на Железничката станица Градско на пругата Велес-Гевгелија ќе почнат градежни работи за ремонт на железничката делница Ногаевци-Неготино на Коридорот 10.
Во прашање е ремонт на железничка делница во должина од 30.993 метри, а вкупната цена за ова изнесува 9.399.755 евра, обезбедени со заем од ЕБОР. По завршување на ремонтот на оваа делница за околу една година, уште 31 километар од Коридорот 10 ќе биде функционален за брзини до 120 кмилометри на час.
Изведувач на работите е бугарската компанија „ЦК – 13“ Холдинг. Последниот ремонт на делницата Ногаевци-Неготино е извршен во 1968 година. Од ЈП МЖ Инфраструктура информираат дека со ремонтот на делницата ќе се изврши замена на 30 cантиметри од лошиот земјен материјал, поставување геотекстил и геомрежа, вградување нов квалитетен камен материјал (дробина) и набивање со минимален модул на стисливост од 40 мегапаскали. Се предвидува да се изврши комплетна замена на старите дрвени прагови со армирано-бетонски преднапрегнати прагови. Исто така, комплетно ќе бидат заменети постоечките шини од типот S-49 со нови од типот UIC-60.
Шините, што првпат ќе се применат на пругите на Македонски железници овозможуваат поголема трајност и стабилност на колосекот и зголемен осовински притисок на колосекот од 250 килоњутни. Исто така, ќе бидат заменети изолираните лепени состави со нови. На целата делница шините и изолираните состави ќе бидат заварени во долги шински ленти. Ќе се изврши целосно прочистување на загадениот толчаник со просејување и ќе се изврши дополнување со нов.
Се планира да се изврши санација на долниот строј на должина од 2.890 метри. Постоечките 6 патни премини во исто ниво ќе бидат изработени со современ горен строј од рециклирана гума и асфалтни приоди во должина од по 20 метри од осовината на колосекот, со што значително ќе се подобри безбедноста при поминување на патните возила преку премините. Ќе се изврши заштите од ерозија и одронување на постојните косини на делницата Криволак-Кукуричани со мрежи, анкери и габиони.
Пероните на стојалиштата во Ногаевци, Стоби и Црвени брегови и во станиците Градско, Кукуричани и Криволак ќе бидат реконструирани со вградување на армирано-бетонски елементи. Во станиците Криволак, Кукуричани и Градско ќе бидат заменети вкупно 8 влезни свртници тип S-49-300-6º со нови тип UIC-60-300-6º, поставени на армирано-бетонски преднапрегнати прагови. Ремонт на горниот строј и санација на долниот строј ќе се изврши и на преодните колосеци во станиците Криволак, Кукуричани и Градско.