Насловна / Арт и дизајн / Почина доајенот на македонското сликарство, Родољуб Анастасов

Почина доајенот на македонското сликарство, Родољуб Анастасов

На 91 година во Скопје почина Родољуб Анастасов. Тој е еден од најважните автори во современата македонска уметност. Роден е во Скопје во 1935 година, бил ученик на Лазар Личеноски, Димитар Пандилов и Васил Коџоман, а во 1962 дипломирал на Уметничката академија во Белград.

Во 1966 година и се претставува на публиката со првата самостојна изложба во „Работнички дом“ во Скопје.

Од 1980 година се до пензионирањето во 2000 година бил професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Бил член на меѓународната група “Јуниј”. Добитник е на бројни награди и признанија.

Во 2011 година, Анастасов на Музејот на Град Скопје му подари колекција од вкупно 389 ликовни дела, a Музејот именуваше една од галериите „Јустина и Родољуб Анастасов“, каде што секоја година се отвора поставка со дела од колекцијата, која често и самиот ја посетуваше.

Оваа збирка претставува исклучително значајни ликовни дела од креативниот опус нa доајенот на современото македонско сликарство, отстапени во трајна сопственост на Музејот на град Скопје. Збирката ја сочинуваат дела кои припаѓаат на различни ликовни циклуси и стилски определби и кои потекнуваат од временскиот период од 1957 до 2010 год.

Во 2009 година, Американскиот биографски институт го вброи Анастасов меѓу 500. најголеми генијалци во светот, во 21 век.

Последната изложба на Анастасов со нови дела одржана е во Музејот на Град Скопје, во јули 2023, насловена „Визии – глава полна со луѓе“, со над 200 портрети, насликани во периодот 2016-2022.

Во Музејот на град Скопје, 2025 година беше отворена изложбата „Сите деца на Родољуб Анастасов“,  посветена на 90-тиот роденден на големиот македонски уметник и педагог, на која учествуваа 42 уметници, негови студенти со свои дела.

Јасминка Намичева, кураторката на изложбата, истакна: „Сакавме да направиме нешто невообичаено. За творештвото на Анастасов многу е зборувано, пишувано, организирани се изложби. Тоа е огромно творештво. Ако правевме нешто ново, тоа требаше да биде голема ретроспектива. Наместо тоа, решивме да го прикажеме неговиот друг, подеднакво значаен аспект – педагошката работа. Затоа, ги собравме неговите студенти и еве ја изложбата“.

Изложбата во чест на Анастасов претставуваше и сведоштво за неговото влијание врз генерации уметници.

Испрати коментар

Scroll To Top