Насловна / Архитектура / Организација на рурална средина

Организација на рурална средина

Selo Lazaropole 1B

Организацијата на руралната средина во Македонија се развива со различен интензитет во време и простор. Резиме на развојот низ времето:  различни тенденции во развојот на селските населени места; развој на традиционално земјоделство и сточарство; депопулација на руралните подрачја и развој на градовите; фрагментарен континуитет на традиционалната архитектура; недоволна инфраструктурна опременост на селата; период на транзиција; изработка на урбанистичка документација за селата; зголемување на потребата за порамномерен развој на просторот со развој на руралната средина; нагласување во квалитетите на селото, а живеење во градовите; дистанциран  однос кон селото. Се презентираат некои аспекти на руралниот простор.Migracii selo grad 1  

Трансформација на руралната средина. Традицијата на човековите живеалишта се поврзува со руралната средина. Работата и живеењето биле во хармонија со природата. Природните ресурси биле базични за развој на населените места. Развојот на индустријата ја мотивира потребата за поголема концентрација на работници на едно место и овозможи забрзан развој на урбаната средина. Во услови на неможност за ефикасна контрола на приливот на население во градовите, се предизвика дисбаланс во просторот и концентрирање на население во градовите, особено во главниот град Скопје, со напуштање на селските огништа и празнење на селата. Во такви услови брзо се развива урбаната средина и се деградира руралната средина со напуштање на обработката на земјиштето и на селскиот станбен фонд. Особено тоа е изразено во ридско-планинските населени места.

Развој и деградација како паралелни процеси. Процесот на просторната мобилност на населението во шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век во Македонија беше мошне бурен, особено со иселување на селата и миграција кон градовите. Со помал или поголем интензитет со овој вид  миграции се зафатени сите општини во Македонија, а особено недоволно развиените општини и ридско-планиските подрачја, при што селата ги напуштиле околу 300.000 лица во периодот 1961 – 1981 година. По 1981 година напуштањето на селата продолжува, но со значително намален интензитет, бидејќи дел од селските населби се веќе испразнети (Просторен план на РМ -ПП РМ, 2004, стр.50).

Според пописот од 1981 година во Македонија се регистрирани 1.750 населени места од кои 1.721 се селски населени места (29 градски населени места). Од нив 86 населби се раселени (5%) и 377 населби (26,6%)  се со помалку од 100 жители, кои се непосредно загрозени и кои имаат опасност од раселување (од нив 50 села се до 10 жители). 740 села имаат до 200 жители, а 981 село имаат над 200 жители.

Според пописите од 1994 и 2002 година, во Република Македонија евидентна е следната големина на селските населби според бројот на жители:

Селски населби 1994 (број на села и во %) 2002 (број на села и во %)
Потполно иселени села  121                      (7,1%)  145                       (8,5%)
Села до 100 жители  573                     (33,5%)  630                       (36,7%)
Села од 101 до 300 жители  387                     (22,6%)  323                       (18,8%)
Села  од 301 до 800 жители  332                     (19,3%)  318                        (18,6%)
Села над  801 жители  302                     (17,5%)  299                        (17,4%)
Вкупно 1.715                   (100 %) 1.715                      (100 %)

Извор. Јакимовски, Јорде (2004): Општествена структура на селото, Скопје, стр.11

Посебен проблем претставуваат селата до 50 жители, а такви се 451 или 71,6 % од вкупниот број села до 100 жители или 26,3% односно над ¼ од вкупниот број на села во Македонија. Посебно за одбележување се селата до 10 жители, а такви се 157 села кои може да се очекува сосема да се раселат. (Јакимовски. Ј. (2004), стр. 12)

           Просторна диспозиција на села. Со оглед на динамичната силуета на релјефот на тлото на Република Македонија и согледувајќи го мозаикот на населби, со акцент на лоцирањето на селата и конфигурацијата на теренот, се констатира дека населбите се лоцирани во основа на кос терен, на преодот кон рамниот терен и делумно на рамен терен, во низинските подрачја. Минималното ангажирање на обработливото земјиште  за лоцирање населби е традиција која има влијание во правилното користење на плодното земјиште за производство на храна, како елементарна човекова потреба, а развојот на населбите се одвивал на неплодни коси терени. Лоцирани како гнезда по динамичните линии на релјефот на македонските планини (како и низ Балканот), се добива јасна порака од минатото за природен однос кон околината и лоцирање на населби на природен терен, што како искуство треба да се практикува. Во зависност од теренските услови на локалитетите и од потребите за организирање на населбите, се лоцираат во основа збиени типови на селски населби, а во одделни делови и дисперзирани типови на населби. Позитивна традиција и недоволна поука од минатото во услови на некритичко зафаќање на плодното земјиште за неземјоделски намени, особено за домување, со едновремено напуштање на постојниот станбен фонд во селата на кос терен. Искуства кои не се применуваат во практиката.

Naselbi na kos teren

Населби на кос терен

Galicnik panorama 1a

Галичник

 OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Љубанци

cardak_vo_ljubanc 1i

Љубанци

            Изедначено мерило на куќите. При организирање на населбите во традиционалната средина, со оглед на тоа што се работи за доминантна намена –домување, во основа се применува еден тип на објекти – станбена куќа со двор, со изедначено мерило на објектите кои се лоцираат по косината на теренот. Бидејќи се работи за изедначен волумен во просторот, објектите се надоврзуваат и создаваат целина-групација со изедначено мерило со висина од две катни висини (П+1), што има поволен аспект во однос на мерилото на населбите во целина. Искуство на традицијата и квалитет на руралната средина кој треба да се промовира.

Опременост со објекти од општествен стандард. Во средината на осумдесеттите години се изработи сеопфатна анализа во Републичкиот комитет за урбанзам и заштита на човековата околина, за согледување на состојбата за секое село одделно со опременост со објекти од општествен карактер, и за таа цел беа анализирани 23 податоци за опременоста на секое село во опшптните. Врз основа на анализата се констатира дека: 60,5% од селата имаат основно училиште; 61% имаат продавница; 79,6% се поврзани со автомобилски пат; 84,7% села имаат електрична енергија; 31,4%  села имаат селски водовод; 11,8% имаат содржини од културата; 16% имаат содржина за здравствена заштита и многу други податоци. Ивршена е посебна анализа за опременоста на селата што имаат поволни услови за развој, односно центрите на заедници на села (согласно Просторниот план од 1982 година се предвидени 111 селски населени места како центри на заедници на села), а тие села се и центри на новите општини со новата територијална поделба од 1996 година.       Состојбата е многу подобра со опременоста на тие центри на заедници на села во однос на другите селски населби. Имено,  98,2% од селата имаат основно училиште; 94,6% имаат продавница; 95,5% се поврзани со автомобилски пат; 95,5% имаат електрична енергија; 63,1% имаат селски водовод; 47,7% имаат содржини од културата; 82% села имаат содржина за здравствена заштита и многу други податоци (Кокалевски, Мирче (1986) Опременост на селски населби во Македонија со објекти од општествен стандард, САЈ, стр.295-302). Секако дека е добро да се направи паралела на тогашната состојба со состојбата денес, и со тоа ќе се добијат релевантни податоци за нивото на опременост со содржини кои го сочинуваат соодветното ниво на квалитет и соодветниот стандард на живеењето на село.

Аспекти на квалитетот на селските населби. Посебни истражувања во таа област се направени преку разработка на систем на валоризација на хумано-еколошкиот квалитет на просторот на населените места, објавени во книгата „Квалитет на рурална и урбана средина“ од авторот Кокалевски Мирче (НИО Студентски збор, Скопје, 1989). Се разработува  систем на вреднување сочинет од 15 критериуми, а секој критериум има по три индиктори, значи 45 иникатори. Секој индикатор има пет степени на квалитет, односно максималното ниво на квалитет за некое населено место може да се вреднува со 225 степени на квалитет. Во книгата е елабориран систем на вреднување на примерот на Башино Село. Натаму, се разработуваат сегменти за трансформација на руралната средина со мерки за зголемување на квалитетот и задржување на руралните вредности. Иако се работи за систематизиран пристап, во практиката нема  примери на постојано следење на квалитетот на населените маста, и покрај тоа што тоа треба да биде постојана активност на ниво на општина. Со тоа ќе се промовираат вистинските вредности и квалитетот на просторот, и има потреба од поактивен однос на општините во насока на примена на соодветни вреднувања на кавлитетот на селските населени маста.

Galicnik kukja 1

Галичник

Карактеристики на селските  населби. Посебен прилог во проучување на феноменологијата на селата од аспект на руралната географија, презентира проф д-р Митко Панов во истражувањето Селата во Република Македонија, Книга 1 и 2 (НИО Студентски збор, Скопје 1993). Во делот Просторни и популациски – аграрни обележја, се презентираат соодветни податоци за популациско-аграрни обележја и проблеми за секоја селска населба во Македонија и во руралните подрачја, што претставува огромно ангажирање и добиени се вредни податоци за тематиката на руралната средина. Во делот Трансформација на мрежата на селските населби  и функционална класификација на руралните подрачја и населбите, авторот Панов врз основа на опстојните анализи и сознанија дава конретни предлози, мислање и решенија за согледување за трансформацијата на мрежата на селските населби, како и функционална класификација на секое рурално подрачје и функционална намена на секоја селска населба. Тоа е значајно со оглед на тоа што процесите на депопулација и деаграризација се усложнуваат. Се презентира согледување на три категории на села: села кои имаат итен приоритет за развој, села кои треба да се одржат и села кои треба да се раселат. Предложениот сооднос е следен: села кои имаат приоритет за развој – 566 (со 509.800 жители) , села кои треба да се одржат – 726 (со 149.500 жители) и села кои треба да се раселат – 261 (со 44.900 жители). (Книга 1, стр.63). Од особено значење е поставката за формирање на рурални центри како основни носители на натамошниот развиток на руралните подрачја. Во истражувањето се презентирани прегледи за секоја општина, што претставува соодветен придонес во тематиката на руралната средина.

Selo Gari 1A

Гари

Урбанистичка документација и руралната средина. Согласно законските одредби за развојот на селата се предвидува изработување и донесување на соодветна урбанистичка документација за просторен развој на селото. Приказ на видови на урбанистичка документација за село во законските решенија во текот на времето.

Закон Видови на урб. документција за села
Закон за просторно и урбанистичко планирање (Сл. весник на СРМ, бр.  15/1973) -УП за населено место (член 9)-Општи акти за села (регулирање режим и услови за градење во села, член 36)
Закон за системот на просторното и урбанистичкото планирање (Сл.весник на СРМ, бр. 38/1985) -УП за помало населено место (член 13)-Општи акти за села до 500 жители (член 20)
Закон за просторно и урбанистичко планирање (Сл.весник на РМ, бр. 4/1996) -Урбанистичка документација за населено место во општината (член 7)-Општи акти за села (член  25)
Закон за просторно и урбанистичко планирање (Сл.весник на РМ, бр. 51/2005) -УП за село (член  7)-УП вон населено место (член  7)-Општи акти за села (член 78)

Динамиката на изработување на урбанистичките планови за села е во зависност од интересот за развој на селата во конкретна општина. Состојбите со урбанистичката документација укажуваат дека приортет во делот на урбанистичка документација се даваше на градовите, а помалку внимание се насочува кон плановите за село. Во основа се изработувале планови за селата што се развивале, а тоа биле селата блиску до градовите и во рамнинските делови, а многу помалку ридско-планинските села.

Според Информацијата на Републичкиот комитет за градежништво, урбанизам и заштита на човековата околина од јануари 1988 година (стр.2), се согледува дека состојбата со потребната урбанистичка документација за селата не задоволува. Од вкупно 1.751 селски населени места, за 143 села (8,1%) се донесени детални урбанистички планови; за 52 села (2,9%) се донесени  урбанистички планови за помали населени места и за 225 села (12,8%) се донесени општи акти со кои се регулираат условите за градба, односно вкупно за 420 села (23,8%) е донесена соодветна урбанистичка документација.

Според Информацијата на Министерсвото за  урбанизам, градежништво  и заштита на животната средина од септември 1995 година, се согледува дека од вкупно 1.672 селски населени места, за  677 (40,5%) не постои никаква техничка документција, за 31 село има донесен основен урбанистички план, за 91 село има донесено детален урбанистички план, а за 799 села е донесена основна урбанистичка документација или одлука за граници на опфат со пропишани услови и режим за градба. Од табеларниот преглед 4. се согледува дека селата што имаат урбанистичка документација се 677 села со над 1.000  жители и 318 села под илјада жители, односно вкупно за 995 села (59,5%) има донесено одредена урбанистичка документација.

Brest selo vo Makedonski Brod 2a

Брест, Македонски брод

Активности за  зголемување на квалитетот на руралната средина:

–          промовирање на развој на одржливо земјоделство и индустрија поврзани со квалитетни земјоделски производи и производство на здрава храна како перспективен ресурс;

–          за поефикасна изработка на урбанистичка документација на села да се регулира поедноставен начин на изработување и донесување на документација за села;

–          селективен развој на одделни селски населби со одреден тип на сезонско живеење во малите села, со развој на летен рурален туризам и опфат и згрижување на стари и изнемоштени лица од малите села, особено во зимскиот период;

–          промовирање содржини од јавен карактер со користење на мобилен пристап на база на мобилни екипи и периодични посети во малите села (здравство, култура, социјални грижи);

–          примена на далечинско учење, со цел полесен пристап на образованието на село, за да можат децата да останат во местото на живеење;

–          при изработка на урбанистичка документација, треба да се согледуваат повеќе сценарија на планирање, со примена на принципите на одржлив развој;

–          да се зачуваат и примовираат традиционалните вредности на руралната средина како квалитет при организирањето на селските населби;

–          изработка на архитектонски проекти во селата, со зачувување и истакнување на квалитетите на традиционалната архитектура, со промовирање на еколошките принципи и почитување на руралната традиција.

(Продолжува)

проф. д-р Мирче Кокалевски, дипл. инж.арх.                                                                

 

Испрати коментар

Scroll To Top