Насловна / Архитектура / Од отпад до архитектура: Фасадата на гаража во Шведска од лопатки на ветерни турбини

Од отпад до архитектура: Фасадата на гаража во Шведска од лопатки на ветерни турбини

Паркинг гаражата во Лунд, на југот на Шведска, стана прва градба во Европа чии надворешни неносечки ѕидови се изработени од лопатки на ветерни турбини кои го поминале својот експлоатационен век. Лопатките се најсложениот дел за рециклирање кога станува збор за ветерните турбини, па голем број од нив завршуваат на депонии. Но, компаниите наоѓаат различни начини за нивна повторна употреба. Најновиот пример доаѓа од Шведска. Паркингот Niels Bohr во Лунд, делумно е изграден од лопатки на ветерни турбини на енергетската компанија Vattenfall. Објектот е во сопственост на LKP, комунално претпријатие на градот Лунд.

Паркингот на пет ката располага со 365 места, 40 полначи за електрични возила и батерии за складирање на енергија. Во компанијата LKP велат дека имале идеја објектот да биде симбол на одржливата архитектура. На покривот се поставени фотоволтаици, кои се поврзани со системот за полнење на електричните возила.

Vattenfall има повеќе од 1.400 ветерни турбини и ветерни паркови ширум Европа. Во компанијата истакнуваат дека повторната употреба, обнова, пренамена и рециклирање на лопатките и другите делови, претставува важен дел од нивниот бизнис модел. Со цел дополнително да ја унапреди циркуларноста на своите турбини, а посебно на лопатките, компанијата развива различни модели за нивна повторна употреба и рециклажа. Компанијата има воведено и забрана за одлагање на старите лопатки на депонии и има поставено цел до 2030 година овие елементи од ветерните турбини во целот да се реупотребат или рециклираат. Иако оваа цел делува амбициозно, со оглед дека технологијата за рециклирање на овие компоненти е комплексна и засега економски неисплатлива, од компанијата се оптимисти со оглед на брзиот развој на технологии за рециклирање.

Испрати коментар

Scroll To Top