Насловна / Вести / Од март почнуваат градежните работи на пругата кон Бугарија

Од март почнуваат градежните работи на пругата кон Бугарија

pruga makedonija
Во март следната година ќе почнат градежните работи за реконструкција на железничката делница Куманово – Бељаковце во должина од 31 километар, прва од планираните три за железничко поврзување на Македонија со Бугарија на Коридорот 8.

Претставници на изведувачот на градежните работи, германската компанија „Вибе“, денеска потпишаа Договор со раководството на ЈП „МЖ Инфраструктура“ за реализација на проектот во вредност од 39.753.000 евра до третиот квартал во 2016 година.

- „Вибе“ ќе го имплементира проектот согласно условите од договорот. Нашата цел како компанија е да оставиме што е можно повеќе пари во државата. Ќе се насочиме кон тоа материјалите да ги набавиме од вашата држава и да ангажираме локално население да работи на проектот. Секако, шините мора да бидат купени надвор од вашата држава, рече по потпишувањето на договорот Волфганг Кортен од компанијата „Вибе“.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески истакна дека со потпишување на договорот станува реалност проектот за изградба на железничката пруга до границата со Бугарија  и додаде дека се создадени услови за почнување со градбата во март догодина.

Со проектот се предвидува рехабилитација и доизградба на горниот и долниот строј на железничката пруга во должина од 31 километар. Предвидени се три станични згради, четири стојалишта, три моста, една тунелска цевка, осум подвозници и шест надвозници, пет километри станични колосеци, пристапни патишта со новопроектираните подвозници и надвозници, сигнализација и телекомуникации, електрификација и сета неопходна инфраструктура.

Министерот за транспорт напомена дека се преземаат активности за реализација и на останатите две делници за железничкото поврзување со Бугарија, Бељаковце – Крива Паланка и Крива – Паланка – Деве Баир. Основните проекти за секцијата Бељаковце – Крива Паланка во должина од 34 километри треба да бидат готови до првиот квартал 2015 година, а до крајот на третиот квартал 2015 година да се склучи договор со изведувач на градежните активности. Изградбата на таа делница ќе чини 144 милиони евра кои се планира да бидат обезбедени од меѓународни финансиски институции.

Последната делница од Крива Паланка до Деве Баир во должина од 24 километри ќе чини околу 360милиони евра. За неа е во тек подготовка на документација за објавување повик за избор на консултанти за изработка на проектната документација.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top