Насловна / Вести / Нови мостови на реките Пчиња и Брегалница

Нови мостови на реките Пчиња и Брегалница

На две реки во Македонија има нови мостови. Едниот е на реката Пчиња на стариот пат од Петровец до Свети Николе, а другиот е пешачки и тој се наоѓа во градот Делчево.

most Pcinja2_resize

Новиот мост на реката Пчиња на регионалниот пат Петровец – Свети Николе

most Delcevo3_resize

пешачки мост во Делчево

Новиот мост на реката Пчиња на регионалниот пат Петровец – Свети Николе ќе биде готов до крајот на јули годинава. За него ќе бидат инвестирани околу еден милион евра обезбедени од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта.

Мостот ќе биде во должина од 135 метри и широк осум метри со две сообраќајни ленти и пешачки патеки со заштитни огради. Ќе се градат и пристапни патишта од околу 100 метри кои водат до мостот и кои ќе го поврзат со регионалниот пат.

most Pcinja3_resize

Новиот мост на реката Пчиња на регионалниот пат Петровец – Свети Николе

Според директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов, за прв пат по триесетина години се гради нов мост на овој потег и тоа ќе биде најдолгиот изграден досега кој е сам за себе, односно не е во склоп на некој пат.

„Ќе има две ленти со широчина од 2,95 метри и два тротоари со ширина од еден метар. Со проектот е предвидено и регулација на коритото на река Пчиња“, изјави Китанов.

По завршување на изградбата на овој мост обврска на изведувачот „Жикол“ е да го урне стариот мост и да го среди речното корито. „Овој стар мост е премногу оштетен и затоа мора да се урне. Такви се препораките и од Градежен факултет, тоа е мост што си го отслужил своето“, додава Китанов.

„Преземаме сериозни мерки и посветено работиме на зголемување на безбедноста во сообраќајот градејќи нови модерни и безбедни патишта и рехабилитирајќи ги постоечките, санирајќи свлечишта и градејќи и реконструирајќи мостови. Новиот мост што го градиме ќе биде од огромно знаење за населението кое живее во околните места. Овој проект е дел од големиот инвестициски циклус во унапредување на патната инфрастуктура, во кој реализираме проекти во висина од околу една милијарда евра за изградба и реконструкција на преку 400 километри патишта. Во овој момент имаме силен фронт за работа, на терен континуирано и со добра динамика се работи насекаде низ државата и уверуваме дека ваквото темпо на изградба, не само на патишта и мостови, туку и канализации, водоводи, гасовод, болници и други капитални проекти ќе продолжи согласно нашите планови и програми, без какво било влијание од изборниот процес или здравствената криза. Исто така, сакам да нагласам дека сите овие проекти се почнати во изминатиот период, дел минатата, а дел оваа година, сите тие се влезени во годишните програми на Министерството и другите институции и како такви имаме обврска да ги реализираме“, вели министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Изградба на нов мост има и во Делчево, но тој таму е пешачки. Станува збор за прв пешачки мост на реката Брегалница во Делчево.

most Delcevo1_resize

Делчево

Првиот пешачки мост на река Брегалница во Делчево, како што истакна градоначалникот на Делчево Горан Трајковски е од огромно значење за жителите од стариот дел на Делчево, бидејќи со ставањето во функција на мостот, ќе се зголеми безбедноста на пешаците, а на граѓаните ќе им бидат значително поблиску повеќе институции.
-Со ставањето во функција на мостот, ќе се зголеми безбедноста на пешаците и ќе им бидат значително поблиску повеќе институции, како детската градинка, ООУ „Ванчо Прке“, Општина Делчево, градскиот пазар и сите фабрики кои се наоѓаат во индустрискиот дел во градот. Изградбата на мостот има и дополнителна вредност, бидејќи Општина Делчево има дополнителни инвестиции за изградба на пристапни рампи и пристапна улица со која се поврзуваат локалните институции, а неговата изградба е во рамките на проектот „Збогатување на туристичката понуда“, вели Трајковски.

most Delcevo_resize

Делчево

Вредноста на мостот е 8,2 милиони денари.  Околу 60 отсто од вредноста е обезбедена со средства од проектот за развој на  Источно-планскиот развоен регион, преку Бирото за регионален развој,  а останатите 40 проценти се обезбедени со кофинансирање од Општина Делчево.
Изведувач на работите на овој мост беше компанијата „Жикол“.

Испрати коментар

Scroll To Top