Насловна / Вести / Нова ветерна електрана во Македонија

Нова ветерна електрана во Македонија

Veternici - Bogdanci_7

  Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) ја привршува изградбата на паркот на ветерни електрани „Богданци“. На терен веќе се подигнати и целосно комплетирани сите 16 ветерници и наскоро се очекува да влезат во пробно производство. „Во моментов течат активностите за поврзување на ветерниот парк со електропреносната мрежа на МЕПСО, по што следува период за тестирање на перформансите на комплетната техничка опрема. Веднаш штом се создадат временски услови, ќе започне и асфалтирање на комплетната инфраструктура и хортикултурно уредување на просторот околу ветерниците“, велат од ЕЛЕМ.

  Првиот енергетски објект од ваков вид во земјава официјално почна да се гради кон средина од мај минатата година. Големо внимание привлече изведбата на ветерните турбини во изминатиов период, за чиј транспорт од Солунското пристаниште беа ангажирани десетина камиони, организирани во конвои подолги од еден километар. Вкупната тежина на сите компоненти што ја сочинуваат една ветерница надминува 330 тони, нејзината висина изнесува 84 метри, додека дијаметарот на елисата е 93 метри. Ветерните турбини ги произведе компанијата Сименс – Данска. Инсталираната моќност на секоја од нив е 2,3 мегавати, а вкупната моќност на целата електрана ќе изнесува 36,8 мегавати.

  Ветерниот парк „Богданци“ на годишно ниво ќе произведува најмалку 100 гигават – часови електрична енергија, доволна да ги задоволи просечните потреби на 60.000 македонски граѓани. За непречено работење на овој капацитет, изградена е патна инфраструктура, приклучен далековод, командна зграда и 20/110 киловолтна трафостаница. Финансиската конструкција на проектот изнесува 55 милиони евра, средства што беа обезбедени преку заемот од германската КфВ банка во висина од 47,9 милиони евра, додека ЕЛЕМ вложи 7,6 милиони евра од сопствениот буџет.

Veternici - Bogdanci_2Veternici - Bogdanci_3Veternici - Bogdanci_4Veternici - Bogdanci_6

Испрати коментар

Scroll To Top