Насловна / Вести / Нова училишна спортска сала во Тетово

Нова училишна спортска сала во Тетово

sala tetovo

Пуштена е во употреба новата спортска сала, во рамките на основното училиштето Перпарими во Голема Речица – општина Тетово.

Училишната сала, со димензии од 1.300 метри квадратни, ги обезбедува потребните услови за сите групни спортови како ракомет, кошарка, мал фудбал и одбојка а исто така со опремувањето на салата со спортски реквизити ќе се овозможи и изведување на сите гимнастички вежби.  На тој начин, создадени се соодветни услови за спортување за 688 ученици од училиштето.

Воедно, салата располага со трибина за гледачи со капацитет од 400 седишта, а како дел од инфраструктурата се и гардеробите, туш – кабините, санитарните јазли, просториите за сместување на спортските реквизити како и посебните простории за наставниците по предметот спорт и спортски активности.

При проектирањето и изградбата на спортската сала запазени се сите најнови стандарди за градење на ваков тип на објекти а особено е внимавано на сигурноста и квалитетот на вградените материјали како и енергетската ефикасност.

„Оваа училишна сала претставува дел од реализацијата на Проектот на Владата на Република Македонија „Изградба и опремување на 145 училишни спортски сали“, кој го спроведува Министерството за образование и наука“, рече министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми.

Како дел проектот, во општина Тетово веќе се изградени и пуштени во употреба спортските сали во рамките на: Средното медицинско училиште „Никола Штејн“, Средното општинско училиште „Кирил Пејчиновиќ“, како и во средното текстилно училиште „Ѓоце Стојчески “. Исто така започната е изградбата на уште две спортски сали и тоа  во средните училишта „Моша Пијаде“ и „8-ми Септември“.

„Со овие инвестиции ќе се надмине долгогодишниот проблем на обезбедување на основни услови за одржување на наставата по предметот спорт и спортски активности, што на долг рок ќе обезбеди и повисоко ниво на квалитет на спортот и спортските активности во нашите училишта.  Паралелно со тоа, ќе се мотивираат сегашните ученици да членуваат во спортски клубови, репрезентации и да се натпреваруваат за постигнување на што подобри резултати во спортот за кој самите се определиле. Верувам дека, сето ова ќе претставува потстрек, нашите идни надежи, да земат активно учество и на значајни меѓународни натпреварувања и олимпијади“ истакна во оваа прилика министерот Адеми.

Испрати коментар

Scroll To Top