Насловна / Вести / Нов ветерен парк кај Богданци

Нов ветерен парк кај Богданци

veterna elektrana_1

  Паркот на ветерна електрана „Вардар Проект“ со инсталирана моќност од 50 мегавати е вториот проект за искористување на обновливата енергија од ветерот на кој активно се работи во земјава. Турската компанија „НеСа Енерџи“ е заинтересирана да инвестира во енергетски објект од овој вид во општините Богданци и Дојран, за кој до локалните самоуправи веќе е доставено Известување за намера за изведување на проект. Во документот се наведува дека Tурците ќе изградат 20 ветерници со висина од 100 метри, дијаметар на елисата од 50 метри, ветерна турбина и генератор со моќност од 2,5 MW, трансформатор, подстаница, нова трафостаница 20/110kV и пристапен пат во должина од 7 километри.

  Компанијата планира да го гради ветерниот парк североисточно од Богданци, над вештачката акумулација „Паљурци“. Досегашните мерења на брзината на ветерот на ниво на Македонија покажаа дека токму овој дел од земјава е најповолен за вакви вложувања. Според плановите на „НеСа Енерџи“, ветерниот парк ќе се простира на површина од околу 50 хектари. Оваа компанија минатата година веќе потпиша писмо за намери со општина Богданци за инвестирање во проектот, кога и за првпат ја запозна македонската јавност со него.

  Ако се реализираат намерите на специјализираната турска компанија за финансирање и менаџирање на проекти од областа на обновливата енергија, во Богданци ќе се изгради вториот ветерен парк во земјава. Државната компанија ЕЛЕМ во моментов активно работи на завршување на ветерниот парк „Богданци“, од кој првите киловат часови електрична енергија ќе се произведат во текот на претстојнава пролет.

veterna elektrana_2

Испрати коментар

Scroll To Top