Насловна / Градежништво / Нов обид за скијачки центар на Водно

Нов обид за скијачки центар на Водно

skijacki centar na vodno (2)

По завршувањето на подготвителните активности од страна на Градот Скопје, државната компанија „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) повтроно објави тендер за пронаоѓање приватен инвеститор што ќе ги гради четирите ски – патеки со должина од 3.850 метри, трите ски – лифта со должина од 1.350 метри и двата подвижни тепиха со вкупна должина од 160 метри. Во проектот за скијачкиот комплекс е вклучена изградбата на административна зграда со површина од 240 метри квадратни, во чии рамки ќе има ресторан, скијачка школа и оддел за изнајмување скии. Највисоката точка на планираниот скијачки центар е на надморска височина од 1.050 метри, додека најниската точка е на 570 метри, каде е и почетната станица на постоечката жичара.

Претходниот тендер за проектот „Ски центар Водно“ беше распишан од Градот Скопје на крајот од 2012 година.

За реализација на овој проект потребно е да се реализира договор за јавно – приватно партнерство помеѓу ЕЛЕМ и идниот приватен инвеститор, кој ќе треба да вложи финансиски средства во изградбата на скијачкиот центар. За возврат, тој ќе може да стопанисува со него во јасно утврден концесиски период. И покрај стравувањата дека оваа идеја е осудена на пропаст заради малите количества на снег што ги акумулира оваа планина во зимските месеци, „Градежниот институт Македонија“ минатата година пронајде поголеми количества вода во близина на детското одморалиште на Водно, со што се создадоа предуслови за поставување на машини за производство на вештачки снег.

Испрати коментар

Scroll To Top