Министерството за транспорт и врски нуди на продажба парцела во Маџир Маало, во близина на „Веро центар“, каде е придвидена изградба на објект со седум ката, приземје и поткровје, како и повеќекатен подземен паркинг.
Парцелата е со површина од 2.825 метри квадратни, а површината за градење изнесува 1.775 метри квадратни. Намената на објектот од А4 категорија, односно времено сместување во кое спаѓаат хотели и пансиони, а она по што се издвојува јавниот оглас е тоа што наложува фасадното решение да биде во барокен стил кој го одбележа новото преуредување на центарот на градот преку проектот „Скопје 2014“. Јавниот оглас е објавен пред десетина дена, а понудите треба да се достават до 10 јануари.
„Најповолниот понудувач е должен, согласно Деталниот урбанистички план за Маџир Маало, фасадното обликување на објектот да го изработи во еден од стиловите на барок, класицизам, неокласицизам, романтизам и неоромантизам“, пишува во јавниот оглас.
За да се запази решението, Министерството за транспорт и врски пред издавањето на одобрението за градба преку комисија ќе треба прво да го одобри основниот проект. Почетната цена при електронското наддавање ќе биде 61 денар за метар квадратен.