Насловна / Арт и дизајн / Неисцрпен извор на инспирација – генијот и музата

Неисцрпен извор на инспирација – генијот и музата

Повод: „Матис и Пикасо – комедијата на моделот“ Музеј на Матис во Ница од 23 јуни до 29 септември, и „Пикасо 1932: Љубов, слава, трагедија“ изложба во Тејт Модерн во Лондон од 7-ми март до 9-ти септември

Ако сте љубител на творештвото на Пабло Руиз Пикасо, годинава имате среќа – не една туку две големи изложби ќе ви го разубават летово. Изложбата насловена „Матис и Пикасо – комедијата на моделот“ е изложена во Музејот на Матис во Ница од 23 јуни до 29 септември, а изложбата во Тејт Модерн која гласи „Пикасо 1932: Љубов, слава, трагедија“ е отворена до 9-ти септември.

Picasso1932-14-worldkids

thumb_16537_paysage_big

 

Не е тајна дека Пикасо е еден од најплодните и најиновативните уметнички гении на 20 век. Неговата иновативност и желбата за експериментирање и реинвенција е движечка сила во неговиот опус.

Picasso1932-8-worldkids

Пикасовите жени и љубовници биле негова вечна инспирација и постојан неисцрпен извор во творештвото. И ако десеттите и дваесеттите години на 20 век еден дел од неговите дела биле инспирирани од љубовта кон Олга Хохлова, неговата прва сопруга, во триесеттите доминираат портретите на неговата муза Мари Терез Валтер.

zaspana_zena

Познанството со Мари Терез всушност става крај не само на бракот туку и на конформизмот со буржоаскиот стил на живеење кој Пикасо го уживал благодарение на успехот, парите и славата во овој период. Што е уште поважно тогаш доаѓа до раскрстување со неокласицизмот во којшто, како што и самиот е свесен, премногу долго пливал. Во јуни 1932 тој одлучува да организира ретроспективна изложба при што ја презема креативната улога на куратор, внимателно избирајќи не само најнови дела туку голем број творби од повеќе периоди, истовремено избегнувајќи легенди и напуштајќи го хронолошкиот пристап на постановката. И најпосле кога сиот културен естаблишмент на Париз со возбуда присуствува на отворањето, самиот Пикасо е забележливо отсутен.

1

Креативниот изблик што ѝ претходи на изложбата и бурното, динамично секојдневно креирање нови дела е тема на лондонската изложба. Необично ретко е изложба на дела на индивидуални уметници да е сконцентрирана на само една единствена година од нивното творештво, но овој плодотворен период за Пикасо видив и во самото сигнирање и прецизно до во ден датирање на делата е изразен преку динамичното дури демонично творење. Во овој период Пикасо започнува и завршува дела дури и за еден ден. Но најчесто тоа не се тензични дела. Напротив, лирската смиреност преовладува, заедно со сјајниот колорит составен од сина, зелена, жолта, црвена, виолетова и розова боја. Емотивната и физичката опседнатост со Мари Терез е предмет на поголемиот дел од изложените дела. Атлетската блондинка е секојдневна инспирација за Пикасо, но иако преовладува, деликатноста на нејзиното лице не е апсолутна зададеност.

sonot_p

Карактеристиките на лицето на Мари Терез, особено нејзиниот нагласен „грчки“ профил се пренагласени, дури и искарикирани во бронза, но љубовта на Пикасо кон неа е видлива во лирицизмот на цртежот и во живата палета на бои во сликаните дела. Овие бронзени глави испирирани од Мари Терез се присутни и помеѓу делата во музејот на Пикасо во Антиб, иако повеќето од изложените дела во постојаната поставка се од периодот кога Пикасо престојувал во Антиб со Fransoa Gulot. Постојаната поставка во Антиб е едноставно лимитирана од обемот на легатот, но бронзените портрети на Мари Терез со робусноста и минимализмот се пандани на едноставниот лирицизам присутен во сликаните портрети изложени во Тејт.

Picasso1932-6-worldkids

Делата како Сон, Девојка пред огледало, Акт во црна фотелја, Акт, растение и биста, Жената во жолта фотелја, Заспаната жена пред огледало, Одмор, Акт во црвена фотелја, Заспана жена, Жена со цвет се исклучително значајни и препознатливи дела, во кои главен предмет е женственото тело обликувано и доловено низ колористични хармонии. Посочените слики се позитивни и оптимистички, а сензуалната интерпретација на жената како објект има пандан во Матисовиот опус, што наоѓа свој одраз и во идејната постановка во Ница.

musee-matisse-nice_6091193

Во исто време како и кај Матис, портретите се и своевиден директен одговор на Пикасо за напредната и инспиративна улога која фигуративното сликарство за него одново ја има во модерната уметност. Но, во исто време, а особено кон крајот на 1932 Пикасо се навраќа кон истите мотиви обидувајќи се најинтимните чувства да ги преточи во нов стилски израз кој се приближува до стилот на надреалистите. Но, овој пат, убавината исчезнува, а упадливо и очевидно е присуството на извитоперена и грда женска фигура која претставува соновен амалгам на морски суштества и тело во ментална и физичка агонија и сексуална екстаза. Кај Пикасо, како и секогаш, тенка е границата помеѓу жестокиот копнеж и страст и хистеријата на насилството и стравот, теми кои ги антиципираат историските премрежија и големата Герника.

Picasso1932-7-worldkids

larger

Изложбата во Тејт исто така реконструира дел од Пикасовата париска изложба, во кој преовладуваат семејните портрети. После долгогодишното експериментирање со разни техники и востанувањето на нови стилистички правци, Пикасо во 20-те години на 20 век се враќа кон класицистичкиот канон, одек на периодот на лично семејно блаженство и претставен преку портретите на Олга и синот Пауло, но и преку употребата на чистата прецизна линија и фигурата како централен мотив. Но истовремено, за оддалечувањето од неокласицистичките извори сведочат и две исклучително значајни дела (Тројца танчари и Жена во градината) создадени како своевиден Пикасов предизвик и одговор на актуелниот надреализам.

picasso-matisse-top

Иако делата во Тејт музејот се далеку попознати и препознатливи, компетитивната игра меѓу двајцата уметнички џинови и идејата за алтернирање на моделите, идеите, стиловите која кураторот ја нуди како идејна креативна нишка во конципирањето на изложбата во Музејот на Матис во Ница се чини посвежа и подинамична. Оваа изложба ја илустрира величината на двајцата гении и нивната рамноправност како уметници. Секако Матис е појак во користењето на бојата, наспроти силината на цртежот кај Пикасо, но разликите се само во минискулни нијанси. Матисовите бои за нијанса посјајни и подлабоки, Пикасовиот цртеж за влакно пофлуиден.

Left-Henri-Matisse-Marguerite-Right-Henri-Matisse-Dream

Ривалството е очигледно, но исто така видлива е меѓусебната почит која ја имале еден за друг. Насловот на изложбата е на прв поглед енигматичен „Матис и Пикасо, комедијата на моделот“, наспроти очигледниот наслов на лондонската изложба „Пикасо 1932: Љубов, слава, трагедија“. Но, како што објаснува каталогот на француската изложба, насловот е преземен од делото на Луј Арагон, „Анри Матис, роман“. Арагон, еден од главните репрезенти на надреализмот во литературата, кој преку текст и илустрации, во период од 30 години го раздлабочува односот на Матис со своите музи и ја истражува интимната врска на сликарот со портретот/актот. Комичноста на моделот од насловот е антитеза на вистинската опсесија на овие двајца великани со своите инспирации. И додека кај Матис работата со модел се состои во класично позирање, за Пикасо моделот е најчесто инспирација, апстракнтна идеја, а не и физички присутна муза. Постојаниот дијалог и креативната размена на митолошки мотиви рефлектирани во сериите Маларме и Волар, директните ориентализирани историски позајмици од Делакроа и Енгр, и црпењето инспирација од далечните „примитивни“ култури претставува постојан естетски предизвик за двајцата уметници, но и прифаќање на идентичните творечки принципи.

henri-matisse-autoportrait-1918_6091197

Најпосле колку и да е интересно да се проследи сликарската еволуција на еден уметник во текот на една година, што е нетипична реткост, лично за мене како гледач, спротивставувањето на двајца великани и нивните различни ставови кон уметноста и животот вообличени преку сликарскиот израз претставува поголем и повозбудлив предизвик.

д-р Петрула КОСТОВСКА, историчар на уметност

(Специјално за Порта 3 од Лондон)

matis_akt_fotelja

akt_sedi_pikaso

siluvanje_p

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top